Заев од Новаци: Гарантирамe економска перспектива, топлификација и инфраструктурно поврзување со другите населени места

Новаци во исто време е срцето на земјоделието, но и најнеразвиена општина во Македонија. Инфраструктурно не е поврзана со другите населени места, нема доволно чиста вода за пиење, истакна денеска претседателот на СДСМ, Зоран Заев на средбата со жителите на општина Новаци.

„Срамно е септичката јама да биде на десет метри од бунарот со вода за пиење, па дури таа да биде и за наводнување“, потенцираше Заев.

Тој во исто време рече дека со соодветни капитални проекти и Новаци може да фати чекор со останатите поразвиени рурални општини.

„Топлификацијата на Новаци и на неколку населени места, со краците кои што ќе се пуштат е важна работа. Тоа ќе значи заштеда на пари и евтин енергенс за секое семејство“, рече Заев пред жителите на општина Новаци.

Претседателот на СДСМ оцени дека преку рамномерен регионален развој, сите општини во земјата ќе се развиваат подеднакво. Тендецијата на централната власт е до 2020 година постојано да растат парите кои ќе се трансферираат до општините, нагласи тој.

„До овој период тие ќе стигнат до 95 милиони евра годишно, од кои најголем дел ќе бидат за руралните општини. Она што е најважно за жителите на Новаци е да дадеме економски перспективи тука. Ова е срцето на нашето земјоделие во Македонија и сите го знаеме тоа“ рече Заев пред присутните.

Ветувајќи дека централната власт, Владата и Парламентот целосно ќе застанат зад остварување на проектите во Новаци, претседателот Заев ги повика жителите в недела да заокружат промени.

„На 29 октомври сите здружено, заедно да заокружиме број 19 и со пенкало да се случат промени и да падне досегашниот режим. Да гласаме за Љубе Кузманоски, да гласаме за живот во Новаци за сите“, порача претседателот Заев.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e