Тешка несреќа се случи на градилиште во Виена, каде при уривање на скеле загинаа четворица градежни работници, од кои тројца се од Косово.
Несреќата се случила околу 14:30 часот, за време на градежни работи на поткровје, кога при леење бетон дошло до колапс на скелето и оплатата. Работниците останале затрупани под урнатините и свежиот бетон.
Според локалните медиуми, спасувачките екипи успеале да извлечат еден 45-годишен работник, додека потрагата по останатите била исклучително тешка и долготрајна. На терен биле ангажирани пожарникари, специјални единици, дронови и кучиња трагачи, а урнатините се расчистувале рачно и со механизација.
Дополнителен проблем претставувало стврднувањето на бетонот, што значително ја отежнало спасувачката акција. Телата на останатите жртви биле пронајдени по неколку часа интензивна потрага.
Надлежните институции во Австрија започнаа истрага за утврдување на причините за трагедијата. Во процесот се вклучени полицијата, Инспекторатот за труд и Јавното обвинителство, а се испитува дали станува збор за небрежност или кривично дело.
