Со 52% наспроти 39%, Хилари Клинтон по трет пат го порази својот конкурент Доналд Трамп. Третата дебата во Лас Вегас помеѓу демократката Клинтон и републиканецот Трамп започна без ракување.
Дебатата започна со прашањето за абортусот, за да продолжи во жестоко темпо во кое двете страни не штедеа на зборови со кои ќе се нападнат во одбраната на ставовите. Трамп се осврна и на болното прашање, врската на Америка со Русија, истакнувајќи дека тој не е другар со Путин.
„Тој не ми е најдобар пријател. Тој нема почит ниту кон Обама, ниту кон Клинтон“ – истакна Трамп.
Ниту, Клинтон не му остана должна, па му одговори дека Путин посакува марионета за претседател каков што е Трамп. Но, кога дојде на ред прашањето за емигрантите кои секојдневно на нелегален начин ја преминуваат границата, Трамп остана доследен на својот став, истакнувајќи „Тука имаме многу лоши момци и ќе ги избркаме оттука.“ Притоа, Трамп го употреби и зборот „омбре“ кој се смета за навредлив за емигрантите кои доаѓаат од Мексико.
Клинтон истакна дека не сака да применува брутални мерки кон емигрантите, бидејќи тие се најголемите плаќачи на данок во Америка.
„Трамп е тој што ги носи емигрантите особено Кинезите. Тој им дава работа на Кинезите во неговите компании, наместо на Американците. Тие доаѓаат тука, а тој им дава се“ – изјави Клинтон.
Кога дојде на ред прашањето за видеата што се појавија во јавноста, а во кои Трамп вулгарно зборува за жените, тој се обиде да се одбрани, велејќи дека сето тоа е напад врз него да оцрни во јавноста и обвинувајќи ја Клинтон дека сето тоа е дело на нејзиниот тим.
„Не и се извинив ниту на жена ми зошто ништо не сум направил. Хилари ги натера тие жените тоа да го кажат за пет минути слава. Јас ги почитувам жените. Сето тоа за мене е лага, ама не се лага нејзините мејлови, оние што таа ги уништи. Таа е многу лоша жена“ – истакна тој.
Што се однесува до борбите на Истокот, особено за Мосул, Трамп ја обвини Клинтон дека таа ја подржува борбата само за профит и дека сака да му помогне на Иран да стане победник на Истокот и на Америка да и испрати благодарница за победата.
Трамп не одговори на последното прашање на модераторите, дали ќе ги прифати резултатите од изборите, без разлика на резултатот. Тој смета дека медиумите биле немилосрдни кон него поради наместени лаги од страната на кампањата на Клинтон. Клинтон пак истакна дека ќе се залага за еднаквост на сите граѓани за доброто на земјата и дека тоа ќе биде нејзината мисија како претседател.
Претседателските избори се закажани за 8 ноември кога ќе се знае кој ќе биде 58-от претседател на Америка, а доколку победи Клинтон, тоа ќе биде и историски момент, жена да застане на чело на САД. Досегашниот претседател Барак Обама, според 22-от амандман од Уставот на Сад, нема право да се кандидира за трет мандат.