На Црвениот плоштад во Москва се одржа воената парада по повод Денот на победата над фашизмот во Втората светска војна.
Смотрата на единиците на 74-тата парада ја изврши рускиот министер за одбрана, кој потоа му го предаде рапортот на претседателот Владимир Путин. Рускиот претседател одржа говор и со традиционалниот поздрав „Ура, ура, ура!“ го означи почетокот на воената парада.
Путин го честиташе Денот на победата, ден, како што кажа, на нашата гордост, тага и безгранична благодарност на бранителите на татковината кои го разбија нацизмот.
„Тие војуваа, се трудеа, ги надминаа натчовечките искушенија и стоеја на страшното место на борбата кога беше потребно. Дадоа сѐ што требаше и ја добија победата“, порача Путин на почетокот на традиционалната парада, која секоја година се одржува на Црвениот плоштад во Москва.
На годинешната парада учествуваат 13.000 војници, над 130 парчиња најсовремено оружје, а ќе бидат прикажани и 74 напредни летала, меѓу кои две беспилотни – авион и хеликоптер.