Руска делегација го поседи претседателот на Сирија, Башар ал Асад денеска во Дамаск, каде разговарале за решавање на кризата во североисточниот дел на земјата. Оваа вест ја соопшти руското Министерство за надворешни работи, од каде истакнаа дека главна тема на разговорите била актуелната ситуација во Сирија поради зголемените тензии во североистичниот дел на земјата.
Како што соопштува руското МНР, на средбата е посебно нагласена потребата за преземање мерки за деескалација на тензиите со цел да се осигура безбедност во тоа подрачје.
Турција на 9 октомври, два дена по одлуката на претседателот на САД, Доналд Трамп за повлекување на американските војници од Сирија, ја покрена операцијата Извор на мирот против курдските сили. Официјална Анкара истакна дека цел на операцијата е да создаде „тампон зона“ за заштита на турската граница, во која би можеле да се вратат сириските бегалци од Турција.
Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган и американскиот потпретседател Мајк Пенс и американскиот државен секретар Мајк Помпео на 17 октомври во Анкара постигнаа договор за петдневен прекин на турската офанзива во североисточна Сирија.