Во последните руски напади врз Киев и неговата околина утринава била погодена „витална инфраструктура“, соопштија украинските власти, додавајќи дека системи за противвоздушна одбрана уништиле околу 15 од 20-те беспилотни летала насочени кон главниот град.
Русија употреби околу 35 беспилотни летала Шахид од иранско производство во нападите низ Украина утринава, од кои 30 беа уништени, соопштија од украинските воздухопловни сили. Вооружените сили на Украина соопштија дека беспилотните летала биле лансирани од источниот брег на Азовското Море.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко изјави дека, според првичните информации, нема загинати или повредени во нападот на главниот град на Украина, а медицински тимови се на местата на нападите во областите Соломјанск и Шевченки, пренесува „Ројтерс“.
Од нападот на главниот град оштетени се витални инфраструктурни објекти, објави Кличко на „Телеграм“.
Во Киев беа воведени итни прекини на струја по напад на руски дрон, во кој беше оштетена инфраструктурата, објави операторот ЈАСНО.
Украинската противвоздушна одбрана денеска собори девет беспилотни летала „Шахид“ од иранско производство истрелани од руските сили, соопшти денеска на „Телеграм“ градската управа на Киев.
Шефот на Киевската регионална воена администрација, Олексиј Кулеба, рече дека во нападот биле оштетени инфраструктурни објекти и приватни куќи. Во Киев и неговата околина се слушнале неколку експлозии, а според очевидци пожарот избувнал во централниот кварт Шевченки.
Областа Соломјанск во западниот дел на Киев е фреквентен сообраќаен центар, каде што се наоѓаат железничката станица и еден од двата патнички аеродроми во градот.
Зеленски повторно ги повика западните сојузници во неделата да ја зајакнат воздушната одбрана на Украина по неколкунеделните руски воздушни напади насочени кон електроенергетската мрежа на земјата, која е зафатена од студена зима, според „Ројтерс“.