Таа била во 19-та недела од бременоста кога почувствувала дека нешто не е во ред. Започнала да крвари и почувствувала болки во стомакот. Заминала во болница кадешто чекала на ред за ултразвук, но почувствувала и контракции. Тоа чувство ѝ било веќе познато, бидејќи таа веќе има две ќерки.
Ултразвукот покажал дека срцето на детето сè уште чука. Но, паузите помеѓу контракциите биле сè покуси – а таа знаела дека наскоро ќе роди. Докторката во меѓувреме ѝ кажала дека бебето веќе излегува и дека започнува породувањето.
Малото тело на бебето брзо завршило надвор, тоа било момче коешто веднаш го ставиле на градите на својата мајка…
– Го земав во својата прегратка и заплакав. Можев да го видам неговото мало срце како чука во малите гради. Тој беше толку совршен, потполно формиран. Сопругот и јас наизменично го држевме и плачевме, раскажува несреќната жена.
Инаку, таа и нејзиниот сопруг се занимаваат со професионално фотографирање, па тој набрзо го земал апаратот за да ги овековечи овие моменти.
Момчето живеело само неколку минути.
– На почетокот не сакав да ги гледам тие фотографии бидејќи за мене тоа беше премногу болно, но подоцна ми беше драго што имам спомени од него. Го нарековме Волтер Џошуа, по неговиот татко и прадедо. Ниту ден денес не ни е јасно зошто Бог мораше да ни го земе, но знам дека во својот краток живот тој допре до срцата на многу луѓе коишто ја слушнаа нашата приказна и ги видоа неговите фотографии, додава Алексис.
Во меѓувреме таа повторно останала бремена и им се родила ќерка. Нејзината најстара ќерка често го споменува својот брат – на сите им говори дека има две сестри и брат на небото.
И не минува ниту ден а Алексис да не помисли на синот – како би изгледал, што би го интересирало, кои сè преслатки зборови би излегувале од неговата уста…
За поврзани вести продолжете надолу