Шефицата на набљудвачката мисија на Европската унија за парламентарните избори во Косово, Виола вон Крамон-Таубадел, по посетата на неколку гласачки места, оцени дека денешниот изборен процес во земјата се одвива непречено. Крамон-Таубадел во гласачкиот центар во Филолошкиот факултет на Приштинскиот универзитет изјави дека мисијата евидентирала неколку инциденти, но дека генерално изборните процедури се одвивале без проблем.
„Имаше неколку помали инциденти, но генерално сите процедури, според нашиот мониторинг, течат добро и без проблеми“, изјави Крамон-Таубадел.
Таа оцени дека, иако има уште неколку часа до затворањето на гласачките места, досега немало индиции кои би можеле да предизвикаат загриженост. Набљудувачката мисија на ЕУ го покрива денешниот процес на гласање со 58 набљудувачки тимови.