Европската унија апелира на што поскоро формирање влада во Приштина по вчерашните вонредни парламентарни избори на Косово и продолжување на дијалогот со Белград.
„Пред Косово е важна работа. Новата влада мора да се заложи за напредок во реформите, економскиот и социјалниот развој, владеење на правото и продолжување на дијалогот со Белград со посредство на ЕУ“, рече портпаролката на ЕУ, Маја Коцијанчич.
Тоа, според неа, ќе донесе напредок и кај луѓето кои живеат на Косово, но и во целиот регион.
„ЕУ ќе продолжи да работи со Косово и ќе промовира помирување, регионална соработка и добрососедски односи на Западен Балкан“, рече Коцијанчич.