Цените за изнајмување станови во Германија значително пораснале во изминатата деценија, покажуваат податоците од германската влада. Во просек, кириите во градовите се зголемиле за 43 отсто, додека во одредени урбани центри растот е уште поизразен.
Најголем скок е забележан во Берлин, каде цената по квадратен метар пораснала од 9,02 евра во 2016 година на 15,25 евра минатата година, што претставува зголемување од 69 проценти. Во популарните населби, цените често надминуваат и 20 евра за квадратен метар.
Иако Берлин бележи најголем раст, најскапи станови и понатаму има во Минхен, каде просечната кирија достигнува 21,29 евра по квадратен метар. Зад него следуваат Франкфурт на Мајна со 16,58 евра и Штутгарт со 16,06 евра по квадратен метар.
И покрај воведените мерки за ограничување на растот на станарините, критики пристигнуваат од политичките партии. Според нив, законските решенија не се доволно ефикасни поради бројните исклучоци, што овозможува цените и понатаму да растат и да ја продлабочуваат станбената криза.
