Шпанските власти соопштија дека 80 лица, меѓу кои и 46 полицајци, биле повредени за време на синоќешните протести против затворските казни за поранешните функционери на Каталонија.
Кабинетот на шпанскиот премиер Педро Санчез соопшти дека 33 лица се уапсени, а четворица демонстранти се обвинети за нереди на јавно место.
Санчез денеска организира состанок со претставници на Министерството за внатрешни работи и други локални власти за да ја процени безбедносната состојба во Каталонија.
Нови блокади на патиштата се поставени утрово во Каталонија, а меѓу блокираните патишта е главниот автопат кон Франција.
Неколку илјади луѓе маршираа од пет каталонски градови во средата со намера да стигнат до Барселона до утре, кога беше објавен денот на генералниот штрајк и масовни демонстрации.
Повод за протестот беше пресудата на група од деветмина каталонски функционери на 9 до 13 години затвор за нивната улога во обидот да ја одделат Каталонија од Шпанија во 2017 година.