Ризикувајќи смртна казна поради разговор со странски новинари, еден жител на овој ирачки град раскажува за Daily Mail што се прават исламистите додека се подготвуваат и го исчекуваат нападот на ирачката војска и сојузниците.
„Исламската држава го има наполнето градот со експлозив и ги тера луѓето да ги напуштат своите домови од предградијата и да се преселат во централното подрачје на градот. Сите жители на овој град би можеле да станат жив штит“, раскажува тој.
Ирачките сили со помош на сојузниците – ирачките сили Пешмерга и американското воено воздухопловство, деновиве со голем интензитет напредуваат кон Мосул. Над 30 илјади војници учествуваат во битката за ослободувањето на тој град и задавањето на конечниот удар на Исламската држава. Во меѓувреме ослободени се голем број на околни градови и села.

Поради тоа, се очекува џихадистите да одговорат на нападот со сите расположливи средства. Џихадистите со сите сили ќе се борат од своите утврдени позиции и поради тоа се стравува дека во најголема опасност ќе бидат ставени жителите на Мосул. Се проценува дека од 4 до 8 илјади борци на Исламската држава ќе им се спротистават на ирачките и курдските вооружени сили.
Иако бројот на џихадисти е доста помал од бројот на ирачката армија и нејзините сојузници, битката нема да биде воопшто лесна за ниту една страна. Исламистите имаа доволно време за добро да се подготват за нападот на ирачката армија, ископани се ровови, под градот има голема мрежа на тунели, подигнати се бетонски бариери и одбранбени ѕидови. Во градот масовно се пали нафта и гуми за чадот да им попречува на авионите на ирачката армија и сојузниците.

Во изминативе неколку седмици неколку стотици жители на Мосул успеале да побегнат од градот. Некои се сместиле во градот Кајар кој е под контрола на ирачката армија. Тие кои што ја немале таа среќа останале заробени во градот и сега ризикуваат да бидат убиени доколку бидат фатени за време на бегството.

Во поголемиот број од извештаите се говори за тоа дека Исламската држава го минирала целиот град. Се претпоставува дека џихадистите ќе се повлечат во стариот дел од градот кој е вистински лавиринт од тесни улици. Војската која што ќе влезе во градот, ќе мора зад себе да ги остави оклопните возила и да тргне низ стариот град да се пресметува со џихадистите улица по улица, куќа по куќа.
Идејата е да се направи големо импровизирано минско поле, па кога непријателите ќе влезат во градот, замките ќе бидат активирани“, изјави Мајкл Најтс од Институтот за политика на Блискиот исток.

Тоа што претставува дополнителен проблем за непријателите на исламистите е фактот дека припадниците на ИСИС имаат направено тунели низ кои што непречено се движат и секоја утврдена позиција ја снабдуваат со оружје и муниција. Се верува дека во градот се складирани големи количини на хемиско оружје, па затоа ирачката армија напаѓа со гас маски.
Сунитите помеѓу исламистите и шиитите
Постои можност во градот да се дигне бунт против исламистите. Во Мосул оперирале повеќе ќелии како движење на отпорот, а во самата организација имало џихадисти кои што се свртиле против Исламската држава. Еден таков бунт неодамна беше крваво задушен. Меѓутоа, мора да се внимава затоа што џихадистите имале голем број на свои шпиони меѓу локалното население.

Од друга страна, ирачката армија е предводена од шиитите кои што ги поддржува Иран. Многу жители на Мосул ќе ја гледаат ирачката армија како окупатор и иако сакаат да бидат ослободени од џихадистите, се плашат од шиитската власт која што ќе биде воспоставена потоа.
Постои реална опасност во државата дека ќе има судир помеѓу шиитите и сунитите околу таа територија, но се очекува и од Курдите да побараат дел од ослободените територии затоа што и тие со своите вооружени сили учествуваат во битката.
Колку долго и да трае битката за ослободување на Мосул, едно е сигурно – тука нема да се почитуваат вообичаените правила во војните и за жал, голем број на цивили ќе загинат.
За поврзани вести продолжете надолу