Филипинскиот шеф на дипломатијата порача дека „Филипинците нема да бидат малите браќа на Американците“, додека истовремено американците започнаа кампања против претседателот Дутерте.
Односот помеѓу Филипините и САД неочекувано се менува откако на власт во оваа држава дојде новиот претседател Родриго Дутерте кој најави дека Филипините ќе станат независна држава која што нема слепо да ги следи и исполнува барањата на властите од Вашингтон.
Сега, се огласи и филипинскиот министер за надворешни работи, Перфекто Јасај кој порача дека Филипините „не можат засекогаш да бидат малите кафеави браќа на Американците“, алудирајќи на минатото во кое што Филипините беа американска колонија.
Подолу можете да ја погледнете насловната страна на американскиот магазин Judge од 10-ти јуни 1899-та година. Карикатурата го прикажува американскиот претседател Вилијам МекКинлеј кој држи домородец во рацете и подолу пишува „Првото капење на Филипинецот“, а во позадина можат да се видат Кубанец и Порториканец како облекуваат облека со американското знаме, а со сето тоа се порачува дека овие народи се среќни затоа што станале американска колонија и конечно влегле во цивилизираниот свет.
Оваа изјава секако ги изненади американските медиуми кои што очигледно заборавиле дека Филипините долги години беа американска колонија, а во војната со САД биле убиени илјадници Филипинци.
Филипинскиот шеф на дипломатијата Јасај, само го потврди ставот кој го има новата администрација од Манила. За време на говорот, тој истакна: „Дури и пред САД да стане колонијална сила на Филипините… Филипинците ја разбираа важноста и достоинството на човечкиот живот“.
„Овие работи беа и тоа како важни за Филипинците и токму тие беа темел на нашата борба за независност. Затоа, во тој контекст, ги повикувам нашите американски пријатели и американските лидери да ги согледаат нашите аспирации. Ние не можеме засекогаш да бидеме малите кафеави браќа на Американците“, порача Јасај.
Во превод, новите власти во Манила не сакаат американскиот таканаречен нео-колонијален притисок и влијание да остане во нивната земја, па затоа филипинскиот претседател Дутерте побара од американската војска да ги напушти своите бази на Филипините.
Кампања против Дутерте
Сосема очекувано, кампањата против Дутерте веќе започна, па американските медиуми започнаа да објавуваат низа на текстови во кои што се истакнуваат некои негови грешки од минатото – се тврди дека на специјални „одреди на смртта“, Дутерте им давал наредби да убиваат луѓе додека бил градоначалник на градот Давао.
Еден од припадниците на тие одреди сега одлучил да проговори за сè што се случувало таму. Тој открил дека со години работел за Дутерте додека бил градоначалник и за него убил најмалку 50 луѓе, од кои најмногу биле криминалци, силувачи и дилери на дрога.
Секако, не е тајна дека Дутерте додека бил градоначалник со криминалот се пресметувал на многу жесток начин, а тоа го продолжува и сега како претседател на Филипините, а тој факт ниту самиот Дутерте не го крие. Без оглед на тоа, јасно е дека сега започнува медиумска кампања против него и токму Дутерте е на насловните страни на американските медиуми.
Извор Точка