Шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија, Сем Фабрици, денеска во Нови Сад изјави дека Унијата гледа на т.н. „мал Шенген“ како иницијатива што ќе го олесни пристапувањето на земјите од Западен Балкан во блокот, а не како кочница или пречка за процесот на интеграција, пренесува „Бета“.
„Мислам дека иницијативата е во согласност со она што земјите веќе го прават во процесот на евроинтеграција. Единствениот нов елемент е патувањето со лична карта. Ова е единствената дополнителна ставка. Јасно е дека политичката рамка е таму и се додека е во согласност со правилата за проширување, ние ја поддржуваме“, рече Фабрици за „Н1“ за време на Регионалниот форум за млади лидери, во кој учествуваше денес.
Фабрици додаде дека е важно за ЕУ оваа иницијатива, во која сега влегуваат Северна Македонија, Србија и Албанија, да биде отворена за целата „Балканска Шесторка“, односно Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово.