На агендата разговори на претседателот на Владата на Грција со албанскиот премиер, хрватскиот премиер и српската премиерка беа односите на Грција со Албанија, Хрватска и Србија, како и европската перспектива на регионот.
На маргините на четвртиот Евро-арапски светски самит, Кирјакос Мицотакис се сретна со Еди Рама, Андреј Пленковиќ и Ана Брнабиќ.
Според заедничкото соопштение на грчкиот и албанскиот премиер, Рама на средбата со Мицотакис истакнал дека и покрај разочарувањето на Албанија од одлуката на Европскиот совет да нема почеток на пристапни преговори со ЕУ, земјата со истата одлучност ќе продолжи со имплементација на реформите.
– Киријакос Мицотакис истакна дека Грција ја поддржува европската перспектива на земјите од Западен Балкан, доколку овие земји ги исполнуваат предусловите за интеграција.
Исто така, ја поздрави посветеноста на албанската страна да оди напред со прашањата за имотите и самоопределувањето/пописот, кои се од основно значење за грчкото национално малцинство во Албанија, се наведува во заедничкото соопштение на двајцата премиери.
Воедно, Мицотакис ја прифатил поканата на неговиот албански колега во следниот период да ја посети Албанија.
На средбата Мицотакис – Пленковиќ станало збор за приоритетите на хрватското претседателство со ЕУ, внатрешната политика на Унијата, но и за билатералните прашања како што се поврзување на Хрватска и Грција преку Игуменица, а била разгледана и европската перспектива на Западен Балкан.
Грчкиот премиер, се сретна и со неговата колешка од Србија Брнабиќ при што беа истакнати традиционалните пријателски односи меѓу двете земји, а разговарале за одржување на Високиот совет за соработка меѓу Грција и Србија.
„На средбата исто така се разговараше и за текот на дијалогот Белград- Приштина, како и за европската перспектива на регионот. Киријакос Мицотакис имаше можност уште еднаш да ја изрази цврстата поддршка на Грција за интегративниот тек на Србија, потсетувајќи дека нашата земја со години игра водечка улога во нејзиниот европски тек и со тоа ќе продолжи да го прави тоа“, соопшти кабинетот на грчкиот премиер.