Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган утре во Белград ја започнува дводневната посета на Србија. Покрај разговори со неговиот домаќин, српскиот претседател Александар Вучиќ, ќе присуствува и на втората сесија на Советот на високо ниво за билатерална соработка, а најавено е потпишување на низа билатерални договори.
Двајцата претседатели ќе присуствуваат и на Бизнис форумот чија цел е зајакнување на билатералната економска соработка меѓу двете земји.
Во вторник, во Белград, Вучиќ, Ердоган и членовите на претседателството на БиХ ќе одржат Трилатерален самит, по што во Сремска Рача официјално ќе означат старт на работите на автопатот Белград–Сараево што е важен за поврзување на целиот регион и ќе се гради во две насоки: Бијелина – Сремска Рача (граница со БиХ) – Кузмин и Пожега – Котроман (граница со БиХ).
Вредноста на комерцијалниот договор е 250 милиони евра и вклучува подготовка на документација и изведување на работи на делницата Сремска Рача – Кузмин вредни 225 милиони евра и подготовка на проектна и техничка документација за делот Пожега-Котроман во износ од 25 милиони евра. Проектот ќе се финансира со заем од турската Ексим банка и буџетот на Република Србија.