Апокалиптични сцени од поплавите во Бугарија: Водата ја однесе и четвртата жртва

Најмалку четири лица загинаа во разорните поплави кај нашиот источен сосед. Апокалиптичните сцени, кои можат да се забележат на повеќе социјални мрежи, покажуваат како водата носи автомобили и дрвја, предизвикувајќи огромна инфраструктурна штета.

Најтешко зафатено е подрачјето на Бургас. Од Бугарските медиуми се дознава дека меѓу жртвите има и руска државјанка, додека бугарските власти стравуваат дека бројката на загинати може да биде поголема.

„Добивме предупредување од руски државјанин кој изјави дека денес пристигнал од Русија, откако не можел да контактира со сопругата. Семејството поседува вила во градот Елените, во областа каде што количината на вода е најголема. Телото беше закопано во кал и урнатини што ги носеше силниот бран. Екипи на Службата за противпожарна безбедност и заштита на населението, заедно со полицијата и жандармеријата, се распоредени низ погодените области за да обезбедат сигурност и помош на населението“, изјави вишиот комесар Владимир Маринов.

Бугарските власти ги ставија во функција сите расположливи ресурси за справување со состојбата. Издадена е наредба за мобилизација на воен персонал како и од Транспортниот баталјон при Командата за логистика во Бургас, кои обезбедуваат помош со специјализирана опрема за чистење на јавната инфраструктура и обезбедување пристап до јавните згради во најпогодените делови од населбата за одмор Елените.

Инаку, Претседателот на Бугарија, Румен Радев, денеска соопшти дека добил понуда за помош од Република Македонија по телефонскиот разговор со претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова.

„Изразувам благодарност до претседателката Гордана Сиљановска Давкова за конструктивниот разговор и за изразеното сочувство за жртвите од поплавите, како и за подготвеноста на РСМ да помогне во справувањето со последиците“, изјави Радев.

Во меѓувреме, според бугарските власти, ситуацијата постепено се стабилизира, но метеоролозите предупредуваат на продолжени врнежи и можно повторно зголемување на водостојот во реките во текот на следните денови.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e