Ви пренесуваме дел од колумната на Ѕвездан Георгиевски за Призма:
Основачот на европската социологија, Емил Диркем живеел во вистинско транзициско време. Тоа е период е тоа на француската Трета република и аферата Драјфус, на вистинската модернизација на Франција, на одвојувањето на црквата од државата и на дефинитивното заборавање на сите царства. Бурно време, во секој случај.
Се разбира дека во тој период конзервативците од сите бои, клериканците, монархистите го креваат својот глас против промените, загрижени поради наводната загуба на идентитетот, јавниот морал и слични будалаштини. Меѓу другото, една од потенцираните закани е онаа за распадот на единството на таканаречениот народ во тој нов, отуѓен свет
Тогаш се појавува Диркем со својата теорија за два типа на општествена солидарност – онаа на предмодерното, феудално општество и онаа на модерното капиталистичко општество. Првата (феудалната), според Диркем, е „механичка“ солидарност и таа се остварува според сличностите, односно се реализира меѓу сличните (истите) во групата, додека другата (капиталистичката) за Диркем е „органска“ и таа се остварува токму според – различностите.
Со други зборови, во новото општество луѓето ќе работат различни работи, ќе имаат различни интереси, но и натаму ќе бидат свртени едни кон други, затоа што уште повеќе ќе зависат едните од другите и ќе бидат солидарни токму поради своите разлики. И од тие разлики не треба да се плашат.
Ако денес се погледне македонското општество, загрижувачкото отсуство на емпатија, комплетната недоверба, поделбата по сите основи, стравот и омразата кон сѐ што е поинакво и ако, по некои основи, него го класифицираме, според поделбата на Диркем, во модерно општество, тогаш ќе излезе дека Македонија, односно тоа модерно општество, навистина живее по принципите на Дивиот Запад, и тоа не оној историскиот, туку оној претставен во шпагети-вестерните на Серџо Леоне.
Целата колумна на Призма на следниот ЛИНК.