Сега или никогаш Европа

Вирусна предизборна кампања

Но, она што во Македонија станува поопасно и од вирусот и од економската криза се партиско политичките обиди да се повикува на недоверба на институциите на системот и на техничката влада во која заземаат одговорни места политичари од сите парламентарни партии. И од власта и од опозицијата. Се шири паника со лаги во драматични услови на вонредна состојба.

Со лажни вести и со преземање на главни улоги на спасители, со паролата – не е време за политика, туку за спасување на животите на граѓаните и на економијата, Македонија губи златно време и голема енергија секој ден со десетици пропагандни конференции за медиумите, партиски соопштенија, јавни настапи, интервјуа, дебати, сѐ во функција на избори кои божем утре ќе се одржат, иако се одложени на неодредено време, во зависност од траењето на опасноста од коронавирусот, која станува главен адут во предизборната кампања како лицемерна битка за здравјето на граѓаните.

Звучи како излитена парола милиони пати злоупотребена, но ако некогаш на Македонија ѝ требало вистинско единство, тоа е денес – сите сили да се насочат како членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ, со донесена одлука за почеток на преговори, да се приклучи на европскиот Маршалов план, кој засега главно и во најголем дел се однесува само на членките. Потребни се силна дипломатска активност и пријатели, но пред сѐ домашна политичка стаблност која ќе нѐ внесе не само во фондовите на новиот Маршалов план, туку и во заедничките проекти, што може најмногу да ѝ помогне на македонската економија да заздрави и да го забрза својот развој. Тоа во моментот треба да биде приоритет број еден кој не е можен без единство во земјата. За жал, тоа во Македонија е потешко отколку битката за заштита на граѓаните и надминување на економската криза.

Зошто баш нов Маршалов план?

Неколку збора што е тоа Маршалов план за да се види неговото значење кај помладите генерации. Тоа е планот за обновување на европските држави по Втората светска војна наречена по државниот секретар на Америка, Џорџ Маршал, донесен по негова идеја 1947 година. Планот почнал де се применува 1948 година под името Програма за обнова на Европа. Истовремено, политичка цел била сузбивање на комунизмот. Програмата опфаќала испорака од Америка на финансиска помош, кредити, стока, суровини и храна. Вкупната вредност на помошта изнесувала, во тогашни пари, 12.4 милијарди долари. Програмата имала хуманитарна цел.

Многу земји на Европа биле целосно уништени, прозводство речиси и немало, владеел глад. На Америка ѝ требала економски силна Европа. Програмата завршува 1952 година со извонреден успех. Европа е на нозе и почнува ерата на брз развој. Колку е голема помошта на Америка во обнова на Европа може да се пресмета од фактот дека тогашните неполни 13 милијарди долари биле околу пет проценти од брутодомашниот производ на Америка кој тогаш изнесувал 258 милијарди долари. Денес пет проценти од БДП на Америка се мери во билиони долари. Кога членките на ЕУ би издвоиле само два процента од својот БДП повеќе од она што сега го издвојуваат и тоа само како гаранции за земање на кредити на ниво на целата Унија и се разбира на кандидатите за членство, тоа би отворило голем инвестициски циклус и побрз развој на цела Европа и не само на Европа. Тоа би означило голема обнова и обединување на Европа. Ако тоа можело да се постигне веднаш по Втората светска војна, кога владеел глад, омраза, опустошени градови и милиони свежи гробови, зошто тоа не би можело денес, по добиената војна со вирусот.

Целата колумна на Ерол Ризаов на ДВ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e