Контрареволуција

Некако случајно, налетав на една „популарна“ тв „емисија“ со лефтерен муабет помеѓу водителот – тазе бојосан во главата во колор ала Тито – и двајцата (најчести) фронтмени на актуелниве протести насловени „За заедничка Македонија“. И таквото задоволство, се разбира, не се пропушташе. Иако веќе претходно бев решен за таа тема, првенствено бидејќи за „Шарената револуција“ пишував така како што пишував (дури по неа ја насловив и книгата со текстови од 2016 година), па мислев дека не е ред, не би требало да ја прескокнам и тековнава незнамкакодајанаречам „револуција“.

Без оглед на личните чувства, или токму заради тоа. Како што „Шарената револуција“ беше јасен израз на ставовите на еден (голем?) дел од македонското граѓанство (намерно го потенцирам овој збор!), не може да се пренебрегне фактот дека и новиве протести покажуваат соодветна бројност – иако не сум сигурен дали и масовност како во претходниот случај – која што не смее да се потценува. И тоа (дури да е и само тоа, а не е само тоа) е доволна причина за посериозен пристап. А особено пак после внимателното слушање на некои од „образложенијата“ на водството на актуелниве протести. На пример, дека тие ќе оделе до крај, или тие не давале ова, не давале она …! И тоа беше интересно искуство: на мигови смешно, па тажно, па полетно и мотивирачко … нешто од оној тип на кафеански муабети на истомисленици кои си удираат „петки“ секои две-три минути и се одушевуваат меѓусебно на кажанато!

Велам дека не знам како точно да ги наречам тековниве протести зашто на почетокот, како контра на еден квалификатив што ги нарече „црна револуција“, некои од раководството реагираа, дури остро и незадоволно, појаснувајќи – ако добро сум разбрал – дека нивниот протест е’, или може да биде, не црна туку „црвено жолта револуција“. Што ќе рече дека веќе во самиот назив, двете „револуции“ начелно се определиле тоест избрале различна (симболична) „обоеност“: „црвено жолтите“ манифестно ги земаат боите на државното знаме за свое (прилично кукавичко, морам да кажам) покритие и политички претекст, додека името на „шарените“ немаше такви стартни амбиции и произлезе од нивниот начин на дејствување преку боење на омразените државни институции и дел од симболите на шизоидното „Скопје 2014“! Токму затоа и го потенцирав поимот граѓанство во контекстот на „Шарената револуција“, каде шаренилото – не зададено туку со акламација општоприфатено – не ја отсликуваше единствено ни политичката ниту пак партиската или која и да е’ друга опција, туку инсистираше на разнобојноста (во секоја смисла) како граѓанска определба. За разлика од тоа „црвено жолтата“ колоритна опција се претставува – случајно или намерно – како строго канализиран државен (или претежно партиски, како сакате)концепт на протести.

Од друга страна, не само ваквата „боена“ ориентација на актуелнава „револуција“ туку и вкупниот амбиент и манифестни реквизити ме потсети на еден сличен настан во Скопје, во март 2009 година, кога на Плоштадот „Македонија“ се одржаа првите (студентски) протести против злосторството наречено „Скопје 2014“ односно против идејата на плоштадот да се гради црквата св. Никола. Тогаш протестираше релативно мала група студенти од  Архитектонскиот и Градежниот факултет во Скопје, обединети во т.н. „Прва Архи Бригада“. Ним им се спротивстави контра група на „верници“ накитени, како и денес, со државни и црковни симболи, во одбрана на идејата за злосторничкото силување на центарот на градот. Впрочем, идентично и на контра протестите за време на „Шарената револуција“, организирани од припадници и приврзеници на владеачката партија!

И токму таа контра– на сите планови и полиња – што е на дело во Македонија повеќе од една деценија,сите овие активности во дадениот политички миг во државата се, мислам, она што мене ми заличува токму на контрареволуција, синхронизирана и во содејство со останатите потези на политичката врхушка на чело со претседателот на државата, па затоа и понатаму така (ќе) ја нарекувам. Оттука и таквиот наслов на оваа серија текстови, при што оправдувањето на овој мој став се надевам ќе прозлезе од соодветната аргументација во идните продолженија.

Но, сепак, поимот револуција се’ помалку се употребува од страната на учесниците во контекстот на овие протести и тоа треба јасно да се назначи. Можеби првите два три дена, и толку. Бидејќи најчесто актуелниве протести почнуваа(т) со транспарент „За заедничка Македонија“, така некако ги квалификуваат и нивните поддржувачи и голем дел од провладините медиуми (главно оние истите што се’ уште ги поддржуваат и последниве денови на криминалниот режим). Така впрочем и започнаа овие протести, оваа „револуција“: со прес конференција на некаква граѓанска иницијатива „За заедничка Македонија“, која што потоа го повика „народот“ на протести! Иако, во многу наврати, повторно беше спомнуван и зборот револуција.

За разлика од овие, „Шарената револуција“ изгледаше дека со нескриено задоволство си го прифати наметнатиот поим револуција, иако, мислам, со полна свест дека нејзините „револуционерни“ елементи и происход се (пре)многу далеку од вистинските значења на зборот. Па и очекувањата, ако сакате. Но такво беше општото расположение и учесниците му повладуваа на истото, веројатно со желба резултатите да бидат барем блиску до револуционерни, неопходно потребни во тоа време. А за тоа беа и зачудувачки жестоко критикувани од еден локален „Сократ“, не баре младиве си пришија вистински револуционерни петкраки ѕвезди, сосе првоборечки ордени! Иако, за волја на вистината, многу од барањата на „Шарената револуција“ беа навистина револуционерни во тоа време и дадените услови. Што е, повторно, различно од барањата – барем оние објавените – на „црвено жолтава револуција“ кои што се шлепаат на маргините на партиските канални реакции на владеачката врхушка и нивните трабанти, влечејќи многу повеќе кон контрареволуција: зачувување на режимот, на автократското владеење, повикување на меѓуетнички судир и етнички чиста држава итн.

Златко Теодосиевски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e