Дискретниот шарм на експертите

Може да се разбере барањето на Мицкоски за воведување полициски час. Тоа е нешто што постојано „виси во воздух“ како можност, а со оглед на депресивниот и опасен развој на настаните со ширењето на епидемијата, неговиот став по ова прашање е сосема легитимен.

Од политички аспект погледнато, ако Владата продолжи да инсистира дека од такви заострени мерки нема потреба, опозицијата секогаш ќе може да каже (а тоа и сега го прави) дека секој смртен случај треба да се припише на „неодговорноста“ на власта; доколку, пак, Владата реши во некоја блиска иднина да воведе полициски час, опозицијата лесно ќе поентира дека, да ги послушале порано, многу животи ќе биле спасени. Како и да се заврти, зијан од ова барање за опозиционерите нема.

На тоа се надоврзува второто барање на Мицкоски: формирање стручна ковид-комисија. Сака да каже, сегашниве здравствени инстанции се нестручни, а новата стручна ковид-комисија би имала за задача да воведе полициски час.

Бидејќи таква комисија Владата не покажува знаци дека би прифатила – на страна што здравствените експерти на опозицијата немаат ништо поимпресивни квалификации од овие кои сега ја кројат здравствената политика, освен што некои од нив се решително против заострување на мерките – ова барање на Мицкоски е само политичка реторика за „товарењето“ на поентата дека целата одговорност за здравствената состојба паѓа врз власта. Како што и прилега.

Третото барање е, всушност, компромитација на првите две: итно да се формира експертска влада. Тоа би значело пад на власта без формирање ново мнозинство во Собранието, што е, разбирливо, сон на секоја опозиција!

Но, во моментов, доволен е само еден аргумент што го разоткрива лицемерието на ваквото барање: доколку опозицијата искрено е загрижена за „драматичните состојби“ во земјата, зошто не прифаќа онлајн работа на Собранието за да се помогне во надминувањето на тие состојби?

Целата колумна на Сашо Орданоски за ЦивилМедиа на следниов ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e