(ВИДЕО) Култната песна на Џокси во ново руво – На Велигден сум се заљубил…

Во пресрет на големиот христијански празник Велигден, македонската публика доби едно посебно музичко издание – нова а капела верзија на песната „На Велигден“, во изведба на Џина Папас Џокси и ТФТ Про.

Станува збор за современа интерпретација на познатата композиција од 1991 година, чиј автор на музиката и текстот е самиот Џина Папас Џокси, додека оригиналниот аранжман го потпишува Тоше Поп Симонов. Новата верзија, збогатена со хорски елементи и минималистички пристап, носи силна духовна порака и емоција, пренесувајќи ја суштината на празникот.

Ова издание е реализирано во соработка со студиски хор од Канада, под продукциска капа на ТФТ Про, а ремиксот го потпишува Томче Бојаџиевски. Видео записот, пак, е дело на Сашо Доковски, со монтажа на „Кат Медиа“, кои ја доловуваат атмосферата на духовност и мир.

Новата верзија на „На Велигден“ има и посебна симболика – таа е создадена по повод значајниот јубилеј, 130 години од изградбата на Св. вмч. Димитриј во Скопје. Храмот, кој се наоѓа на левиот брег на Вардар, претставува еден од најстарите и најзначајни духовни објекти во централното градско подрачје.

Со векови наназад, црквата опстојува како симбол на верата и традицијата, и покрај бројните историски предизвици. Нејзината обнова во периодот од крајот на 19 век, како и повторното издигнување по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, сведочат за нераскинливата врска меѓу народот и духовноста.

Токму таа длабока духовна нишка е пренесена и во новата изведба на песната, која авторката ја опишува како „музичка молитва“ – скромен, но искрен придонес кон одбележувањето на јубилејот и празникот.

Со оваа емотивна и автентична интерпретација, Џина Папас Џокси уште еднаш потврдува дека музиката може да биде мост меѓу традицијата и современоста, носејќи порака на мир, надеж и духовна радост – токму она што го симболизира Велигден.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e