Продуцентот Харви Вајнстин изјави во интервју за „Њујорк пост“ дека тој бил „еден од пионерите за поддршка на жените во Холивуд“,на помалку од еден месец пред судењето против него за сексуален напад, објави Франс прес.
„Се чувствувам како да сум заборавен“, рече поранешниот холивудски тајкун, кој неодамна беше опериран по сообраќајна несреќа во август.
„Имам продуцирано повеќе филмови, снимени од жени или посветени на жени од кој било друг продуцент. Пред 30 години, не сега кога е модерно. Јас бев првиот! “
Тој верува дека сè било заборавено поради обвиненијата за сексуално вознемирување или сексуално злоставување на повеќе од 80 жени. Голем број на познати актерки, меѓу кои и Анџелина Џоли, Салма Хајек и Гвинет Палтроу, откриваат дека ко-основачот на студијата „Мирамакс“ и компанијата „Вајнстин“ направил обиди да ги нападне. Многу од оние кои го одбиле, уверија дека подоцна се обидел да ги уништи нивните кариери.
„Во 2003 г., Гвинет Палтроу доби 10 милиони долари за учество во филмот „View from the Top“, рече Вајнстин, претставувајќи се како борец за еднаква плата за мажите и жените во Холивуд.
– Таа беше најплатена независна актерка во кино, т.е. без големите холивудски студија. Нејзината такса беше поголема од таа на мажите, вели тој.
Шеесет и седумгодишниот продуцент одби да зборува за обвиненијата против него.