Разрешениот јавен обвинител за нестручно водење на функцијата, Марко Зврлевски, останува дел од Комисијата на претседателот Ѓорге Иванов, која ќе одлучува за помилување на осудените лица и на вршителите на кривични дела, пренесува Макфакс.
Од Кабинетот на Иванов сè уште нема одговор на прашањата од „Макфакс“ дали се планира на местото на Зврлевски да биде назначен друг член. Зврлевски на официјалната веб-страница на Иванов сè уште е член на Комисијата. Инаку, тој не членува во ова работно тело по функција, туку е личен избор на претседателот Иванов. Останува отворено прашањето дали по неговото разрешување за нестручност, Иванов ќе го остави на таа позиција.
Членови на Комисијата за помилување, покрај разрешениот јавен обвинител, Марко Зврлевски, се и Василка Јурукоска како претседател, експратеничката Благородна Дулиќ, судијата Бекир Исени, професорот Методија Каневчев, експретседателката на скопска Апелација, Љупка Арсениевска, в.д. претседателот на Кривичниот суд, Стојанче Рибарев, професорот Нуман Аруч и Данче Ристова.
Претседателот со помилување дава ослободување од гонење, потполно или делумно ослободување од извршување на казната, ја заменува изречената казна со поблага или со алтернативни мерки, определува бришење на осудата или, пак, ја укинува, односно определува пократко траење на осудата или на казната. Комисијата на седницата ја разгледува поединечно секоја молба за помилување и дава мислење по сите предлози што ги поднел министерот за правда и по предлозите за помилување што ги поднел по службена должност. Своето мислење Комисијата го утврдува со мнозинство гласови од присутните членови.
Во 2016 година Иванов помилува 57 поранешни и актуелни функционери, градоначалници, бизнисмени, директори, началници… Шефот на државата ваквата одлука ја оправда со аргументот дека одлуката ја донел за да помогне во завршувањето на политичката криза во Македонија.