Земјите членки на Европската Унија не постигнаа договор за отворање на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија, изјави попладнево министерката за надворешни работи на Финска Тити Тупураинен, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.
„Прашањето за отпочнување на преговорите ќе биде дискутирано од страна на лидерите на ЕУ на Самитот кон крајот на неделава“, нагласи Тупураинен на прес-конференција во Луксембург по состанокот на Советот на министри за надворешни работи на земјите членки на ЕУ.
Еврокомесарот за проширување во заминување Јоханес Хан. Пак изјави дека „ова не беше најславниот момент на Европа“, додавајќи при тоа дека „значително мнозинство“ на членките на ЕУ ја поддржале препорака за отпочнување на преговорите со двете земји.
„Нема сомневање дека секое понатамошно одложување ќе наштети на нашата кредибилност на Западен Балкан и на нашите амбиции да станеме посилен глобален играч“, додаде Хан.
Имено, на последниот предлог на финското претседателство за раздвојување на преговарачките процеси со Северна Македонија и Албанија и за започнување на преговори прво со земјава се противат три земји – Франција, Германија и Италија.