Ахмети и Груевски посакуваат избори, но секој со мотив за спас на сопствената кожа. Засега тој процес е сѐ уште определен од заемната потреба за меѓусебна поддршка, вели поранешниот амбасадор Арсим Зеколи за Дојче веле.
Како ќе се ефектуираат изборните резултати, дали ДУИ ќе реши повторно да влезе во влада со ВМРО-ДПМНЕ, каква е употребната вредност на декларацијата на албанските партии и опасноста од еутаназија на СЈО и на граѓанскиот сектор, се дел од темите за кои разговаравме со Арсим Зеколи, поранешен македонски амбасадор и ценет политички аналитичар.
ДВ: Изборите, од очекуван почетен чекор за излез од кризата, по сила на резултатите се претворија во нов Гордиев јазол. Според вас, кој може да го пресече тој јазол, со чија (коалициска) помош, и по која цена?
Арсим Зеколи: За да се пресече, збор-два за опис на самиот јазол. Изборите не ја разрешија кризата, но мислам дека придонесоа кон разјаснување на линиите на поделба. Да не должам, причината за сегашната хаотична збунетост се крие во истовременото синхроно поклопување на неколку спротивставени и испреплетени реалности кои се делумно политички, делумно етнички, делумно социјални и.т.н.
Зборот ми е за статус-кво состојба на судир помеѓу консоционалниот и центрипеталниот концепт кој тешко се надминува како премин во чисто граѓански концепт, бидејќи досега нема пример како преседан кој би можеле да го земеме како урнек. Паралелно со тоа, се одвива судир помеѓу етатистичкиот и републиканскиот светоглед, кој тешко се надминува низ изборни процеси. За работите да бидат уште покомпликувани и спротивни на врежаните впечатоци и мислења, овие триења и судири не се одвиваат само по линија на политички или етнички поделби, туку синхроно се одвиваат и прелеваат и во меѓуетничките и интраетничките односи.
Со таа мисла на ум, и по распоредот на силите во постизборието, разрешницата тешко дека може да ја донесе некој, туку може да уследи како продукт на нешто. Попрецизно кажано, ќе има развој на настаните кои ќе бидат толку егзистенцијално доминантни, што едноставно ќе ги истиснат овие поделби и ќе се наметнат како доминантни над приоритетите на партиите и тесноградите интереси. Се надевам и посакувам таа катарза да биде социјална и економска, бидејќи колку и да вроди со тешки економски последици, тие сепак се надоместливи.
Интервјуто на Ахмети откри дека и преполовените изборни резултати се толкуваат како „победа“ на ДУИ, и дека неговиот тас натежнува кон стариот коалициски партнер и принципите на Мајскиот договор. Може ли од овие првични индиции да се прочита дека старите партнери влегуваат во нов танц, беа разлика дали ќе биде тоа нова влада или заткулисен план за нови избори?
Тоа некогашно партнерство всушност одамна има еволуирано во сијамско близнаштво на две, по сите основи различни тела, но егзистенцијално поврзани во молк преку меѓузависност од ќарот, придобивките и стравот од санкции поради криминалот кој ги спојува во еден единствен аморален систем. И двата лика, и Груевски и Ахмети, наликуваат на разбојници од серџолеоновски шпагети-вестерн, дефанзивно потпрени грб на грб и опколени со потера од сите страни. Вистина, со полни бисаѓи на ограбени пари и доволно муниција, но сепак свесни дека процепот за бегство е толку тесен што само едниот ќе може да се извлече.
Поради тоа и мислам дека и Ахмети и Груевски посакуваат избори, но секој со мотив за спас на сопствената кожа. Засега тој процес е сѐ уште определен од заемната потреба за меѓусебна поддршка. Во сенка на тековно горливата тема за тоа кој со кого ќе состави влада, забораваме дека де факто и де јуре ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се на власт, и тоа им дава доволно простор и комоција за фокусирање на приоритетното и далекусежно побитното прашање. А тоа е потхранување и градење на нови општествени и политички динамики со цел разбивање на опозициската кохезија во двата кампуса. И тоа во добар дел им успева во однос на политичките прашања, но ниту приближно во однос на економско-социјалните состојби и чувства на граѓаните.
Целото интервју прочитајте го тука