Заврши истрагата за трагедијата кај „Сити мол“

За 12 дена заврши истрагата за сообраќајката на раскрсницата пред „Сити мол“, каде загина 24-годишната радовишанка Викторија Николова, а повредено беше нејзиното момче Леонид Даов. Возачот на автомобилот кој удри во девојката, Јордан Ѓ., заврши во притвор поради опасност од бегство и влијание на сведоци.

Периодот од 20 јануари кога се случи сообраќајката до 2 февруари, кога според адвокатот на возачот е архивирано барањето, бил доволен да се соберат сите докази. Душко Јанковиќ, адвокат на возачот, тврди дека иако формално е завршена, таа не е целосна. Од Обвинителството не одговараат дали се завршени и сите распити со сведоци, обвинетиот, неговата придружба во автомобилот. Од свои извори, „А1он“ дознава дека завршено е сообраќајното вештачење. Тоа треба да даде информации како настанала несреќата и со која брзина Јордан удрил во Викторија.

„Истражната постапка е во завршна фаза, односно обвинителот заврши со преземање на истражните дејствија и сега тече законскиот рок во кој одбраната и осомничениот имаат право да извршат увид во доказите и да предложат преземање дополнителни дејствија. Веднаш штом ќе биде донесена конечна јавнобвинителска одлука, јавноста ќе биде известена за утврдените факти во истрагата“, велат од Обвинителството за „А1он“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e