Завршена е пресконференцијата на Заев и Јоханес Хан. Еве што порачаа!

Премиерот Зоран Заев по средбата со еврокомесарот Јоханес Хан изјави дека Македонија е силно сконцентрирана на европската агенда при што веќе во следните пет дена заедно со експертскиот тим на Рајнхард Прибе ќе работат на ткн. акциски план кој треба да биде готов до 1 јули и презентиран во јавноста.

Премиерот рече дека ќе бидат фокусирани на реформите во правосудниот систем и ги повика опозицијата, невладиниот сектор и граѓанските активисти и експерти да се вклучат во овој, како што рече, инклузивен процес.

„Направивме краткорочен, среднорочен и долгорочен план со цел да ја отстраниме блокадата, а веќе следната година да почнеме преговори со ЕУ. Ние овој процес ќе го водиме инклузивно. Ја повикуваме опозицијата да се вклучи во реформскиот процес, да дејствуваме заеднички и да ја искористиме подрршката што ни ја дава ЕК“, рече Заев.

На новинарско прашање во однос на департизација на институциите и изготвување на Закон за унапредување на употребата на албанскиот јазик, Заев рече дека ќе биде отворена широка дебата за сите прашања кои ги засегаат граѓаните на државата и дека решението ќе се носи со консензус и затоа е важно да се направи заедничка одлука со сите партиски чинители.

Во однос на департизацијата премиерот Заев ги отфрли обвинувањата дека припадници на ромска заедница требало да вадат партиска книшка и повтори дека сите граѓани се еднакви и дека законот важи подеднакво за сите граѓани без оглед на која заеднца ѝ припаѓаат.

Во однос на проблемот со Грција за името, Заев уште еднаш повтори дека главната цел во агендата на владата е градење на пријателски односи со цел да се отворат минимум услови за решавање на овој сериозен проблем.

„Јас сум убеден дека постои решение за сè, знаеме дека овој проблем зависи од нас, но исто така и од нашиот јужен сосед дали ќе ни биде ослободен патот кон НАТО и ЕУ. Но јас сум убеден дека ќе се најде заедничко решение и затоа уште еднаш ја барам поддршката од Грција, нејзините политичари и граѓани на патот кон ЕУ“, рече Заев.

Комесарот Јоханес Хан пак ги повика сите одговорни актери, меѓу кои Владата, Собранието и судството, да работат на креирање модерно општество кое ќе функционира.

– Реформите не треба да се спроведуваат само за да се задоволат некои европски политичари, туку за да се подобри животот на граѓаните, рече Хан.

Тој ја поздрави подготвеноста на Владата да работи со опозицијата и истакна дека одлуките треба да се носат со консенсуз.

Еврокомесарот Хан најави дека денеска ќе се сретне со лидерите на сите парламентарни партии и се надева дека овој пат, за разлика од минатиот, ќе дојде до дебата за соработка помеѓу партиите за спроведување на реформите.

По средбата Хан се огласи и на Твитер: Пофалби за премиерот Зоран Заев за покажаното лидерство во односот со соседите и ставањето настрана на политичките и етничките поделби, напиша Хан.

Хан на својот Твитер профил го пофали премиерот Заев за покажаното лидерство со подадената рака кон соседите и ставањето настрана на политичките и етничките поделби

По тет-а-тет средбата со Заев и со делегацијата на Владата, еврокомесарот Хан учествува на тематската седница на која тема се итните реформски приоритети.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e