Многу важно да се фокусираме на локалните политики, на најпрактичните решенија што ќе придонесат за поубаво и поквалитетно секојдневие на граѓаните во локалните средини. Да овозможиме сѐ што е неопходно за пристојна живеачка, е пораката што премиерот Зоран Заев ја испрати од општина Лозово каде присуствуваше на отворање на новата административна зграда на локалната самоуправа.
„За неполни две години општина Лозово доби нова зграда на простор од 420 метри квадратни со 16 канцеларии опремени со современа опрема и нова компјутерска технологија. Сето тоа им е ставено во функција на општинската администрација, а во функција на потребите на граѓаните“, истакна Заев.
Тој потенцира дека градоначалникот Ацо Велковски, со поддршка на Советот, успеа, покрај враќањето на долговите, со домаќинско и транспарентно работење, да ја стави општината на здрави нозе.
„Општината Лозово веќе не е задолжена и финансиските средства што ги добива од граѓаните да ги инвестира во проекти од јавен интерес“, рече Заев.
Во новата општинска зграда, покрај општинската администрација за краток временски период ќе бидат во функција и канцелариите на администрација на Јавното претпријатие за комунална дејност, како и на подрачните канцеларии на Агенцијата за вработување, на Министерството за труд и социјална политика и на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„Тоа е придонес повеќе за исполнување на дел од најважните прашања за граѓаните на општината како што се вработувањето, решавањето на социјалните прашања и прашањата поврзани со земјоделството како најразвиена дејност во оваа наша македонска општина, нагласи премиерот.