Намерата на Владата кога кажуваме дека има делови од Преспанскиот договор кои се врзани со поглавјата со Европската Унија беше да се испрати порака до ЕУ, рече премиерот Зоран Заев. Според него, тие како власт испратиле недвојбена порака дека договорот мора да заживее до крај, носи придобивки и носи нов пријател, Република Грција.
„Опозицијата претендира за власт, а не го почитува Уставот. Тоа веднаш би значело вето, не дај боже тоа да го помислиме. Преспанскиот договор не одведе во НАТО, тоа е имотниот лист на нашата земја, тоа не беше возможно без договорот од Преспа. Две-третини од договорот зборува за соработки, за одбраната, за безбедноста, многу перспективи кои треба да ги гледаме. Делот кој е поврзан за внатрешна употреба е врзан за поглавјата, но ние не сме изгубиле надеж дека ќе отвараме поглавја, ние сме остров во Европската Унија заради тоа што сме во Европа. Сите околу нас се членки на Европската Унија, рече Заев.
По шпекулациите дека владата добила покана од Евроазиската Унија, премиерот рече дека не добиле, ниту пак им дошло на памет такво нешто да прифатат.
„Донесовме храбри одлуки заради тоа што силно верувавме во нив. НАТО е заокружено, ЕУ е пролонгирана, но нема дилема и за тоа. Се што направивме, направивме за економскиот стандард на граѓаните. Парите се наоѓаат на вистинското место, повеќе од 15 милиони евра ќе се инвестираат во екологијата. Зборуваме за покачување на сите плати во државата, за сите овие убави економски мерки. Дефинитивно тоа е патот по кој што треба да одиме и треба да си ги чуваме догворите“, додаде Заев.
Тој кажа дека се уште се размислуваат во партијата кој ќе биде технички премиер од 3 јануари до изборите на 12 април.
„Јас сакам навистина до 3 јануари да направам се што можам како претседател на владата, ќе го искористиме секој ден, тоа ни е должност пред граѓаните. Одлуката за технички премиер ќе ја носиме на основа на тоа што е најпрагматично. Имињата кои се споменуваат можеби се опции, можеби и некои други имња“, рече Заев.