Заев: Изборите може да бидат одложени ако опозицијата продолжи да ги загрозува платите, пензиите и инвестициите

Ќе има избори во 2020 година, но дали ќе се одржат на 12 април зависи од пристапот на опозицијата кон Собранието, рече премиерот Зоран Заев во емисијата „Економски магазин“ на Алсат.

Тој истакна дека изборите кои се договорени за 12 април може да бидат одложени сè додека опозицијата ги загрозува платите, пензиите и инвестициите. Заев претходно изјави дека можеби нема да се повлече на 3 јануари како што предвидува Пржинскиот договор за техничка влада, токму заради, како што вели, опструкциите на опозицијата.

И покрај тоа што заминувањето на Заев се става под знак прашање, Алсат дознава дека на неговото место речиси е веќе договорено да седне министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. А, од ВМРО-ДПМНЕ и денеска соопштија дека Заев се плаши од изборите. Од опозицијата коментираат дека тој веќе го претчувствува поразот, па сега бара алиби за одложување на изборите. Од партијата на Христијан Мицкоски инсистираат да се спроведе договореното, односно избори на 12 април, зашто во спротивно ќе дојде до народен револт во рамките на законот.

Според консензусот меѓу политичките партии, Владата на 3 јануари треба да добие технички карактер. Во петок се очекува СДСМ да ги собере партиските органи за да го избере техничкиот премиер. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека прашањето на кадрите за техничката влада се уште не е отворено во нивните партиски органи. И од опозицијата најавуваат дека за имињата ќе одлучуваат во петок.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e