Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев на денешната прес конференција го презентираа планот за економски раст кој ќе овозможи зголемување на конкурентноста во стопанството и подобар животен стандард на граѓаните.
„Владата на Република Македонија отпочнува процес што обезбедува подобар животен стандард за сите наши граѓани и услови за раст на економијата и бизнисот. План за економски раст, за квалитетен животен стандард на граѓаните, е називот на документот со којшто се обврзуваме да создадеме реални шанси за инвестиции, извоз и конкурентност на претпријатијата, со што ќе отвориме можност за повисоки плати и нови работни места во Република Македонија“, истакна премиерот Заев на почеток на своето обраќање.
Премиерот Заев нагласи дека во реализацијата на овој план за економски раст, Владата на Република Македонија ќе се води од 6 принципи кои се засноваат на ослободување на приватниот сектор од „политичките стеги“ и клиентелизмот, транспарентност на политиките при нивното спроведување, неутралност, недискриминација и еднаков третман на домашните и странските инвеститори, добра координација при спроведувањето на одделните политики во рамки на индустриската политика, ефикасност и ефективност на политиката, но и постојано следење и мерење на резултатите.
Во однос на принципите, премиерот додаде дека овој економски план создава услови за ослободен деловен амбиент од клиентелизам и политички репресии и притисоци, овозможува транспарентни услови и критериуми по кои секој инвеститор ќе може да избере пакет на поддршка што најмногу одговара за неговата инвестиција, обезбедува исти услови за инвестирање и работа на потенцијалните инвеститори и претпријатијата како и добра координација во работата на институциите кои се вклучени во системот за реализација на планот за економски раст. Премиерот нагласи дека процесот ќе се мониторира до крајните резултати и ефектите од спроведувањето на овие политики ќе се мерат.
„Во реализацијата на оваа нова стратегија за раст на економијата и за подобар стандард на граѓаните, свесни сме дека вложуваме пари на граѓаните. Тие се акционери во оваа иницијатива. Ним треба да им ги испорачаме резултатите! Резултатите ќе ги постигнеме доколку ги оствариме приоритетните цели на новата економска политика на Владата за индустриски развој на Република Македонија“, нагласи премиерот Заев.
Во однос на целите коишто ќе се постигнат од спроведувањето на планот за економски раст, премиерот Заев посочи дека резултатите ќе бидат во интерес на граѓаните и стопанството, како што се пораст на приватните странски и домашни инвестиции, пораст на вработеноста, пораст на ефикасноста, продуктивноста и конкурентноста на приватниот сектор, зголемување на извозот и регионалната деловна поврзаност, пораст на материјалната благосостојба на граѓаните и пораст на бруто домашниот производ.
„Сите инвеститори се добредојдени. Искрено ги повикуваме да го инвестираат својот капитал во Македонија, за што ќе добијат еднакви шанси и можности од државата. Ветивме дека ќе се грижиме и ќе вложуваме во домашните препријатија. Веќе одвоиме пари за поддршка на домашните претпријатија. Ќе се грижиме и за странските инвеститори. Политиките на отворени врати, засилената добрососедска и регионалана соработка и добрите односи со земјите членки на ЕУ и НАТО, треба да знаете дека веќе ги даваат првите резултати на зголемен интерес за инвестирање во Република Македонија“, истакна премиерот Заев.
Премиерот Заев посочи дека државата отвора процес со кој создава реални услови за нови сигурни работни места и за повисоки плати за граѓаните и за таа цел со предвидените мерки ќе се мотивираат и поддржуваат претпријатијата за унапредување на квалитетот на производите и услугите, за изработка на проекти за нови инвестиции и нови производи, за нивна зголемена извозна активност.
„Со поддршката на инвестициите, на извозот и на малите и средни претпријатија, ја отвораме спиралата на покачувања на платите. Го направивме првиот чекор со зголемувањето на минималната плата и притоа значително внимание посветуваме на стабилноста на бизнисите паралелно во овој проект. Инсистираме на пораст на платите како еден од двигателите на економскиот раст. Со одредени, првични мерки ги намаливме трошоците на граѓаните, со што ја зголемуваме куповната моќ на граѓаните и го подобруваме животниот стандард“ посочи премиерот.
Во однос на мерките за поддршка тој рече дека таа е распределна на три главни области, за нови „гринфилд“ и браунфилд“ инвестиции и за зголемување на конкурентноста, за поддршка на извозот и за поддршка на мали и средни претпријатија.
„Во фокусот на мерките за поддршка ги ставивме малите и средни претпријатија. Тие се двигатели на економијата. Максимално ќе ги помогнеме оние мали и средни претпријатија кои ќе влезат во инвестиции за подобрување на енергетската ефикасност, оние кои ќе ги патентираат своите производи, како и оние кои воведуваат информациони системи и поттикнуваат иновативност. Определивме и дополнителна посебна финансиска поддршка за подготовка на развојни проекти за деловно поврзување за воспоставување трајна деловна соработка на малите и средни претпријатија со странски инвеститори и домашни компании“, соопшти премиерот.
Премиерот Заев го заокружи своето обраќање со пораките дека владата ќе работи на унапредување на патната, железничката и енергетската инфраструктура но и на прилагодување на образовниот порцес и на програмите на факултетите кон потребите и барањата на стопанството.
„Со ‘Планот за економски раст’, развиваме економија којашто се создава на здрави основи и придобивките од тој економски раст се за сите подеднакво, и за граѓаните и за стопанството!“ истакна премиерот во завршницата на своето обраќање.