На маргините на Четвртиот младински форум во Нови Сад, премиерите на С. Македонија и Србија – Зоран Заев и Ана Брнабиќ имаа билатерална средба на која централна тема била заедничката заложба за континуитет во градењето на добрососедските односи и нивно натамошно унапредување како придонес за стабилноста, безбедноста и просперитетот на регионот.
Како што соопшти владината Прес-служба на средбата било оценето дека во насока на остварување на овие заложби од особено значење се интензивните средби на претседателско и на премиерско ниво во последните три-четири месеци во Северна Македонија и во Србија, како и средбите на регионалните форуми.
– На средбата меѓу премиерите Зоран Заев и Ана Брнабиќ стана збор и за акцискиот план за имплементација на декларацијата за унапредување на регионалната соработка која што иницијативата на Северна Македонија, Србија и Албанија, се донесе во Охрид, во проширен формат за да се засили спроведувањето на конкретните мерки за четирите слободи, односно слободниот проток на луѓе, стоки, услуги и капитал, што е во согласност со повеќегодишниот Акциски план усвоен на Самитот за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес и документите на Европската комисија и што треба да помогне кон забрзувањето на интеграцијата на регионот и полноправното членство во ЕУ, се вели во соопштението.
Двајцата премиери оцениле дека инфраструктурното поврзување како дел од регионалната соработка добива се по нагласена димензија, и во таа насока се согласиле дека е потребно двете земји да ја интензивираат комуникацијата за идентификација на заедничките интереси и заеднички настап заради добивање поддршка за реализација на транспортни, инфраструктурни и енергетски проекти и иницијативи од взаемен интерес со регионален предзнак.