Првиот круг прашања на новинарите не вчерашниот отворен брифинг на Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев и на вицепремиерите Радмила Шекеринска и Бујар Османи со новинарите на тема „Економија, реформа и интеграција на Република Македонија“, баше посветен на разговорите за проблемот што Република Грција го има со нашето уставно име, како и на евро-атлантските интеграциски процеси.
Заев беше запрашан да го коментира исходот од последната средба на министрите за надворешни работи во Охрид, особено во делот на отворените теми како што се временската рамка и прашања за иредентизмот. Тој истакна дека има напредок во преговарачкиот процес, дека има основа за оптимизам кој што се негува по ова прашање.
„Еден поголем дел од работите се решени. Тоа ми дава право да верувам дека има исчекор, но треба да знаете и вие граѓаните дека тоа што е решено е со услов. Ќе се смета дека е договорено само ако има конечен договор. Така е договорен да тече преговарачкиот процес за да постигне заокружена, комплетна успешност“, рече премиерот, и додаде дека сè уште не e решено прашањето за опсегот и не е решено името за меѓународна употреба.
„Во однос на прашањето за иредентизмот, грчката страна од нас сака потврда, а ние немаме проблем дека немаме територијални претензии, дека немаме намера да ја повредиме границата која што не разграничува и дека немаме намера да се мешаме во наследството на Грција. Останува да ги најдеме заеднички прифатливите формулации по ова прашање. Истовремено и ние бараме тие да не се мешаат во нашето наследство. Јас верувам дека тоа нема да ни отвори дополнителен проблем. Треба да се изнајдат механизми како тоа да се реши“, рече Заев.
Премиерот Заев нагласи дека во однос на прашањето за грижата за нашата дијаспора, РМ со амандманот 2 од Уставот, и со членот 49 веќе го имаме покриено тоа прашање.
Во однос на темата временска рамка којашто беше разговара во Охрид на последната средба Димитров – Коѕијас, премиерот Заев истакна дека тоа е прашање кое се однесува многу повеќе на некои технички аспекти, како на пример кога би се одржал референдумот за конечното решение од преговорите.
Ова прашање се отвора и поради опцијата како да се постапи доколку на пример, во јуни Советот на Европа треба да носи одлука за добивање на датум за преговори, а преговорите не се завршени, или се делумно завршени.
„На пример, кога би бил тој референдум? Дали е врзан веднаш со постигање на договорот знаејќи дека ни требаат најмалку 40 дена за подготовка и реализација на референдумот. Или, пак, референдумот би се организирал на самиот крај, пред нашето конечно влегување во НАТО, или дури пред нашето конечно влегување во ЕУ. Затоа се разговара за временска рамка, во тие насоки“, објасни премиерот Заев.
Новинарите се интересираа и за прашањето на опсегот на употреба на евентуално договореното, и дали опцијата ерга омнес, на која инсистираше грчката страна е сè уште во опција. Претставниците на медиумите, исто така се интересираа дали е затворено прашањето за идентитетот.
„Мене ме радува фактот дека за овие чувствителни прашања грчката страна покажува разбирање. И ред е тоа да го потврдам. Тоа е еден од првите позитивни моменти кои што се појавија. И премиерот Ципрас и министерот Коѕијас, на средбите со мене, покажаа разбирање за идентитетот. Идентитетот е чувство и тие не алудираат на промена на идентитетските прашања. Nationality е државјанствo, или citizensheep. Како да го дефинираме тоа во Република Македонија? Знаете дека имаме граѓани на Република Македонија од повеќе етнички заедници и државјанството, согласно новото име, кое што ќе биде за меѓународна употреба, ќе биде со коса црта, веројатно, маседониан. Значи би било веројатно, граѓани на Северна, Горна, Вардарска или слично со коса црта маседониан, најверојатно. За тоа се разговара“, истакна Заев.
Во завршницата на оваа тематска дебата на отворениот брифинг со новинарите, премиерот Заев, нагласи дека евроинтегративните процеси се гордост на оваа влада и дека е направен сериозен исчекор знаејќи колку бевме заглавени на овие прашања.