За три недели од грип починале шест лица во земјава, сите биле невакцинирани

Шест лица починаа од грип во Северна Македонија за три недели, изјави претседателот на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски.

– Тоа не е мала бројка. Мислам дека сите беа невакцинирани. Некои од нив се во возрасната група над 65 години, некои од 25 до 65 години – рече Петличковски на прес-конференцијата по седница на комисијата.

Директорката на Клиниката за инфективни болести во Скопје, Милена Стевановиќ, изјави дека последниот смртен случај од грип е жена на возраст од околу 45 години со сериозни ризик од тешко заболување, со бројни коморбидитети, која починала на таа клиника.

– Седум лица заболени од грип во моментов се хоспитализирани на Инфективната клиника, пет со потврда, а двајца се на чекање. Шест лица се хоспитализирани со коронавирус – рече Стевановиќ.

Таа додаде дека бројките растат и за кратко време ќе го достигнат својот врв и затоа сите треба да бидат внимателни.

– Грипот може да биде сериозна болест и треба да се сфати сериозно. Вакцината е најмоќното оружје во борбата против грипот и тоа треба да се има на ум – рече Стевановиќ.

Комисијата за заразни болести на Северна Македонија препорача да се носат маски во здравствените установи и домовите за заштита на старите лица.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e