Уставните судии денеска на колегиум ќе дискутираат по иницијативата за член 353, став 5 од Кривичниот законик, која се однесува на застарување на предметите или намалување на казните за случаи поврзани со злоупотреба на службена должност и овластување.
Претседателот на Уставниот суд Сали Мурати вчера најави дека на колегиумот детално ќе се разговара за оваа иницијатива и ќе биде донесен став.
– Ние во Уставниот суд имаме сериозен пристап за секој предмет. Предметот се одложи минатата седмица. Поради сериозноста на работата закажав колегиум со судиите, на кој детално ќе дискутираме за оваа проблематика. Откога ќе завршиме со колегиумот, ќе заземе став за понатамошната постапка, изјави Мурати.
Пред неколку дена јавноста повторно се „разгневи“ на македонското правосудство и уште еднаш, по кој знае кој пат, беше констатирано дека ветингот во судството е неопходен.
Поранешниот премиер – сегашен азилант во Унгарија, Никола Груевски, се спаси од потенцијална затворска казна поради застареност на делото во „Траекторија“. Истото му се случи и на поранешниот премиер и министер заодбарана Владо Бучковски за случајот „Тенковски делови“.
Груевски нема да одговара за злоупотребите од 2013-та при изградбата на автопатите Кичево-Охрид и Штип-Миладиновци за што му се закануваше затворска казна од три години.
Бучковски, пак, заедно, со поранешниот началник на ГШ на Армијата Методи Стамболиски за дело од 2001-та требаше да одговараат за злоупотреба функциите бидејќи со нереално барање за набавка на резервни делови за армиските тенкови причиниле штета од речиси 150 милиони денари.
Дали правдата има рок на треање и дали поминатиот предвиден рок е вистинска правна пречка – прашање кое ги мачи сите поддржувачи на правна и правична држава како идеал кон кој се стреми земјава?
Грувски „се спаси“ од едно во низата обвиненија
За Груевски и евентуалната злоупотреба на „кинеските автопати“ по шест години без правосилна пресуда, по барање на одбраната, Кривичниот суд констатираше апсолутна застареност на делото, а покрај тоа што екс лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нема да одговара државата ќе мора да му ги плати сите судски трошоци.
Од Коалицијата Сите за правично судење сметаат дека „Траекторија“ во судниците се одвивал многу бавно.
– Во предметот „Траекторија“ иако често се закажуваа рочишта, сепак временското траење на рочиштата е кратко, односно не повеќе од 3 часа трае едно рочиште. Исто така, од кога беше закажано првото рочиште во декември 2017 година до рочиштето кога беа дадени воведните говори од странките поминаа 3 месеци. Во оваа фаза од постапката откако се поминати скоро 2 години од првото закажано рочиште сеуште се изведуваат доказите на СЈО. – вели Натали Петровска, извршна директорка на Коалиција Сите за правично судење.
Иако делото е строено во 2013-та година, започнува да се процесира дури кон крајот на 2017-та година.
Адвокатот Александар Тортевски во емисијата „Кликплус“ на 21ТВ минатата недела констатираше дека државата загубила три години кога ВМРО ДПМНЕ биле на власт што придонело ова дело да застари.
-Државата губи три години за еден скандал. ВМРО се на власт овие три години и не го процесираат овој случај. Кога предметот веќе стига во суд не му останувува повеке од година ипол, две, значи три години не бил процесуиран од Јавното обвинителсто на Марко Зврлески. Вториот проблем е лошата квалификација на СЈО за ова кривично дело. – појасни Тортевски.
Бучковски бара ослободителна пресуда
Годините, а во случајот деценијата и повеќе, го спаси и Бучковски од одговорност.
-Во однос на предметот „Тенковски делови“, јавниот обвинител во своите завршни зборови го преквалификуваше обвинението во однос на кривичното дело што им се става на товар на обвинетите, согласно правната квалификација законот предвидува помала казна за тоа кривично дело. Со оглед на тоа дека е поминат предвидениот временски период настапена е правна пречка за да продолжи судењето односно настапена е застареност. – вели Петровска од Коалицијата „Сите за правично судење“.
Одбраната на Бучковски сепак побарала да даде завршен збор на следното рочиште кое е закажано за 22 месецов.
Кога на ова ќе се додаде и тековното одложување на рочиштата против поранешниот Претседател на Кривичниот суд во Скопје Владимир Панчевски стручната јавност реагира дека мора да се превземат итни конкретни чекори за да запре „спасувањето“ на функционерите кои не тежнеат кон правдата и вистината.
Судијката Оља Ристова, како што пишува во својот ФБ статус, смета дека по примерот на Хрватска треба да се внесат измени во Кривичниот законик со тоа што доколку функционер стори кривично дело за време на вршење на својата функција, застареноста се прекинува, односно истата почнува да тече од моментот на престанокот на функцијата.
-На ваков начин, речиси не постои можност делото да застари. На пример, доколку министер стори кривично дело за време на вршење на својата функција, застареноста почнува да тече од моментот на престанок на мандатот. Доколку судија или обвинител сторат кривично дело за време на вршење на својата функција, во тој случај застареноста почнува да тече по констатирање дека ги исполниле условите за старосна пензија. – пишува Ристова која потенцира дека во Хрватска е предвидено построго казнување за функционери, во однос на други сторители за исти кривични дела, поѓајќи од фактот дека функционерите треба да имаат повеќе развиена свест од останатите и да служат за пример пред другите граѓани.