Министерството за внатрешни работи денеска излезе со информации за сообраќајната несреќа која вчера вечерта се случи на крстосницата кај Влада, а во која учесник е владино возило со кое во моментот се превезувале министерите за економија и финансии Крешник Бектеши и Фатмир Бесими.
Сообраќајната несреќа во полицијата била пријавена во 19:15 часот, а случена на крстосницата од бул.„Илинден“ и бул.„Св.Климент Охридски“.
-Во сообраќајната незгода учествувале патничко возило „шкода“, управувано од Ј.Б.(38) од Скопје, патничко возило „фиат“, управувано од Д.П.(45) од Скопје и патничко возило „киа“, управувано од А.Т.(36) од Скопје, сите со скопски регистарски ознаки. Во незгодата со повреди се здобиле Ј.Б. и сопатникот од патничкото возило „шкода“, Б.Љ.(35), констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, информира МВР.
Според СДК.мк, повикувајќи се на неофицијални информации од очевидци, сообраќајката ја предизвикал возачот на владината „шкода“. До незгодата дошло во моментот кога возила „киа“ и „фиат“, паралелно од двете ленти на „Илинденска“, тргнале на вклучено зелено светло на семафорот, во правец кон Центар. Само што тргнале, службенаа „шкода“, која доаѓала од булеварот „Свети Климент Охридски“ и се движела кон Владата поминала на црвен семафор и од десната страна удрила во двете прописно тргнати возила.