ВМРО-НП, партијата на поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, која е дел од коалицијата „Можеме“, преку соопштение истакна дека зградата во која вчера изгореа канцелариите на Државниот инспекторат за животна средина била купена од државата за 24 милиони евра од Комерцијална банка.
„Во врска со вчерашниот пожар во поранешната зграда на Комерцијална банка, а од пред некоја година Владин објект, ВМРО-Народна партија ја потсетува македонската јавност дека купопродажбата на старата зграда на Комерцијална Банка од страна на Република Македонија беше направена на крајно нетранспарентен начин, без никаква правна процедура и најверојатно во четири очи помеѓу тогашниот премиер, господинот Никола Груевски и директорот на Комерцијална банка, господинот Хари Костов.
ВМРО-Народна партија потсетува дека купопродажната цена тогаш изнесуваше 24 милиони евра плус неколку милиони за реновирање со што се постигна можеби и рекордно највисоката цена за метар квадратен деловен простор во македонската купопродажна историја.
ВМРО-Народна партија тогаш можеби беше единствената политичка партија која реагираше на тој сомнителен купопродажен договор, а сега само се потврдува фактот дека тогашната Влада фрлила и уништила буџетски пари за да купи стар и дотраен објект по нерационална пазарна вредност кој за малку ќе завршеше и со несакани последици по животот на вработените“, се вели во соопштението на ВМРО-НП.