Владата и Министерството за образование и наука на Синдикакот за образование, наука и култура (СОНК) му понудија зголемување на платите во образовната дејност за 10 проценти од април 2020 година. Попладнево се одржа средба во Владата помеѓу премиерот Зоран Заев и министерот Арбер Адеми со претседателот на СОНК, Јаким Неделков. За понудениот предлог СОНК ќе го запознае членството и од него ќе зависи дали е прифатлив или не.
Адеми и Неделков во изјава за медиумите истакнаа дека средбата била конструктивна. Според министерот, новите 10 проценти од април ќе бидат дополнителни на двете претходни зголемувања од по 5 проценти (ланскиот и овој септември). Додека пак Неделков посочи дека секогаш може повеќе.
„Ова е историско покачување на платите во дејноста образование. Конкретниот предлог е од април платите да бидат покачени за дополнителни 10 проценти, почнувајќи од основно, средно, високо и наука“, изјави Адеми.
Додаде дека предлогот утре ќе биде разгледан и на седница на Владата. Ќе ја чекаат одлуката на Советот на СОНК за да бидат информирани за исходот од преговорите. Нагласи дека со донесените закони се залагаат за кариерен развој и за подобрување на материјалниот и социјалниот статус на наставниците.
„Неколку дена ќе ни требаат за да одговориме на предлогот и да кажеме дали сме задоволни или не. Тоа е процедура која ќе трае до крајот на неделава или до почетокот на наредната. Предлогот ќе биде утре на седница на Советот на СОНК; потоа до членството и тие треба да дадат виза за прифаќање или отфрлање, рече Неделков.
Тој додаде дека секогаш е за повеќе, посочувајќи дека остануваат уште неколку проценти од понудените за да стигнат до процентот за колку што е зголемена минималната плата.