Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна 44 седница ја донесе Одлуката за утврдување на бројот на наставните денови во учебната 2021/2022 година во средните училишта.
Со оваа одлука се утврдува дека бројот на наставните денови во тековната учебна година во средните училишта изнесува 146 наставни денови, односно дека нема продолжување на учебната година.
Ова значи дека независно од преговорите меѓу СОНК и Владата околу штрајкот, учебната година ќе заврши на 10 јуни.
Инаку, претседателот на СОНК, Јаким Неделков во неделата преку Фејсбук ја информира јавноста дека двете страни се договориле дека им се потребни уште 10 дена за да постигнат точен процент на покачување на платите на наставниците.
Синдикатот штрајкот го стави во мирување на 28 април откако доби известување од Министерството за труд и социјална политика дека Министерството за образование и наука пристапува кон мирно решавање на спорот.
Максималниот рок на мирното решавање на споровите е 20 дена, а првичниот рок е 10 дена, кои истекoа денеска. Просветните работници бараа покачување за 18 отсто, а властите ветија 12 отсто, но договор засега нема.
Владата на оваа седница ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од склучување договор за грант за проектот „Рехабилитација на објекти за физичко образование во основните и средните училишта и набавка на спортска опрема во Северна Македонија”, меѓу Република Северна Македонија претставувана од Министерството за образование и наука и Банката за развој при Советот на Европа (ЦЕБ).
-Грантот доаѓа од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), во висина од три милиони евра и е наменет за реконструкција на 30 постоечки училишни спортски сали во основни и средни училишта и за опремување со спортска опрема на 50 постоечки училишни спортски сали во основни училишта, соопшти владината прес-служба.