Владата ќе вработи двесте воспитувачки во детските градинки

Новите вработувања во детските градинки влегоа во буџетот за 2018 година. Министерството за труд и социјална политика побарало, а министерот за финансии одобрил двесте нови вработувања на воспитувачки кои ќе почнат со работа следната година, пренесува ТВ 24.

Буџетот за плати за администрацијата е зголемен за 7,5 милиони евра во однос на годинава и во 2018 година изнесува 440 милиони евра.

Зголемените расходите на оваа ставка во државната каса, освен поради новите вработувања во градинките, се и поради зголемување на платите кај дел од администрацијата од септември следната година.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека новите двесте вработувања се прв чекор кон надминување на огромниот недостаток на кадар во градинките.

„Поради систематското занемарување на системот на згрижување деца во минатото, проценките се дека недостигаат над 2.000 вработувања во овие установи, за да може вистински да се одговори на потребите и стандардите“, велат од Министерството за труд и социјална политика.

За да се подобри грижата за децата, потребно е и отворање на нови детски градинки. Капацитетот на постоечките не е доволен, па со години градинките прават листи на чекање за запишување на деца.

Сегашниот опфат на децата до шестгодишна возраст во предучилишно образование, во просек, е само 23%. Кај помалите етнички заедници тој опфат е под 10%. Од Владата велат дека целта е процентот на деца опфатени со предучилишно образование да се зголеми за 50% во период од 4 години.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e