Владата ја разгледа информацијата и ја усвои Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за условите и критериумите за репласирање на средствата од компензационите фондови со која се утврдуваат условите за директно кредитирање на деловни субјекти погодени од корона вирусот за репласирање на средствата од компензационите фондови, во насока на обезбедување средства во износ од 492.000.000 денари за директно кредитирање на микро, мали и средни компании чија економска дејност е погодена од корона вирусот, преку Развојната банка на Северна Македонија.
Во врска со оваа одлука, Владата ја задолжи Развојната банка на Северна Македонија да објави Јавен повик на кој ќе можат да аплицираат микро, мали и средни компании чија економска дејност е погодена од корона вирусот, во согласност со условите предвидени во Одлуката, и да ги испита можностите за уредување на доставата на документите од Централен Регистар и Управата за јавни приходи за кредитобарателите, во насока на олеснување и/или координација и заедничка комуникација и насочување на кредитобарателите.
На денешната седница Владата ја донесе Уредбата со законска сила за фомирање на фонд за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од Коронавирусот COVID -19
Со оваа уредба со законска сила се уредува формирањето, финансирањето, како и намената на средствата на Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од Коронавирусот COVID-19.
Средствата собрани во Фондот, ќе се користат за финансиска поддршка на економските мерки за помош и поддршка на микро, малите, средните и големите претпријатија во надминување на економската криза предизвикана од Коронавирусот COVID-19.