Вилсон: Не отстапувајте, продолжете со реформите напред, земјата ќе биде дел од НАТО и ЕУ

Тука сме да го поддржиме успехот на земјата на нејзиниот пат кон НАТО, но и да помогнеме, да ги презентираме насоките во кои треба да се движи земјата, да ја одредиме стратегијата како да се продолжат реформите и транформацијата однатре, за потоа дебатата да ја префрлиме во Европа и во САД. Колку повеќе земјата ќе личи на Европа, толку повеќе ќе ги засрами европските лидери што ја држат Македонија пред портите. Тоа е рецептот, пораката е – не отстапувајте, продолжете со реформите напред, бидете агресивни во напорите за зајакнување на демократските вредности, притискајте ги властите на одговорност за промоција на владеењето на правото, работете на економските капацитети за да ги задржите младите, да ја гледаат своја иднина тука. Тоа е пораката што ја изнесе Дејмон Вилсон, извршниот заменик-претседател на Атлантскиот совет, во интервјуто за МИА од Охрид, каде што учествуваше во Охридскиот дијалог организиран од премиерот Зоран Заев и Атлантскиот совет.

Господине Вилсон, за почеток да појасниме што е Атлантскиот совет, која е неговата улога, што се целите на активностите на советот?

– Сметам дека е важно да се разбере што е тоа Атлантски совет, оттаму што е нешто доста посебно, има своја душа, цел, навистина произлегува од американската трагедија што настана по повлекувањето на САД од Европа по Првата светска војна, што подоцна доведе до големи американски жртви во Втората светска војна. Лидерите од администрациите на Труман и Ајзенхауер седнаа да создадат нешто фундаментално поинакво и трајно да го задржат американското присуство во Европа имајќи предвид дека стабилноста на Европа е важна за интересите на САД. Стабилна и безбедна Европа значи дека САД нема да мораат да влегуваат во нови воени конфликти, а истовремено ќе создаде перспективи за непречен развој за сите. Тоа е формулата. Но, за тоа да се реализира, таа политика, беше наметната потребата од формирање тело какво што е Атлантскиот совет, создадено со цел САД и нејзините сојузници да креираат подобра заедничка иднина. Тоа е она што сме ние, не сме само советодавно тело што истражува, туку субјект што верува во тоа како да се галванизира конструктивното американско присуство во светот, да работи со своите пријатели во креирањето подобра иднина за сите. Токму затоа имаме стратегиски јасна позиција кога е во прашање Балканот, преку поддршка на оние што се подготвени да спроведат тешки одлуки во трансформацијата на нивните општества. Тука сме да ги поддржиме аспираците на земјите како Северна Македонија во трансатлантското семејство. Атлантскиот совет учествува во креирањето на политиката на САД во светски рамки, со особен акцент на соработката со Европа и Западниот Балкан.

Која е агендата на Атлантскиот совет од аспект на справувањето со современите форми на предизвици и закани по безбедноста?

– Советот има мошне јасна агенда. Нашите сопствени истражувања и анализи во рамките на Атлантскиот совет укажуваат дека светот се наоѓа во фаза на драматични транформации. Ова е мошне уникатен миг во историјата, одлуките што ќе ги донесеме сега ќе ја креираат иднината. Го идентификувавме моментот како доста ризичен, глобално постои тренд на раст на автократски режими, несигурност прикриена зад отворените пазари во демократските општества. Повторно на сцената се враќаат големи сили, а со тоа и по подолго време и потенцијалот од нови големи конфликти. Рамката на меѓународниот поредок базиран врз демократските вредности се соочува со предизвици наметнати од технолошкиот напредок, големиот импакт што тој го има врз луѓето, нашите општества. Тука би го спомнал и дефицитот на лидерство, како и заканите што произлегуваат од сферата на животната средина. Тоа се прашањата што ги дефинираат позициите на нашата агенда. Проблемите нè тераат на акција, да креираме стратегија како да се справиме со предизвиците, како да ја одбраниме демократијата, како да го преформираме глобалниот систем во согласност со нашите интереси и вредности. Како да ја насочиме таа конкуренција што се јавува меѓу големите сили кон услови во кои предност ќе имаат слободните општества, како да ја искористиме технологијата за добри нешта, да креираме глобално лидери кои ќе креираат оджлив развој… Сите тие прашања ја дефинираат агендата на Атлантскиот совет и начинот на кој ние ќе дејствуваме.

Какви се вашите проценки за безбедносната ситуација на Балканот, особено за Македонија, со оглед на претстојниот прием на земјата во НАТО, но и француското „не“ за почеток на преговорите за членство во ЕУ?

– Да бидеме начисто. Северна Македонија се движи низ извонреден историски процес на цементирање на својата сувереност, независност, на закотвување на својата стратегиска  определба да биде дел од Западот. Има забавување на процесот на нејзиното евроинтегрирање, беше направена грешка во Брисел, тоа е разочарувачко. Но, во основа нема никаква промена. Она што се случува сега е голем историски процес, земјата ја зацврстува својата позиција на интегрирање кон Запад, а тоа го прави преку отвореноста на општеството, позитивните демократски процеси, враќањето на владеењето на правото, отворање кон нови економски можности. Одлуката на Сенатот на САД да го поддржи приемот на Македонија во НАТО е мошне, мошне голема работа. Тука бев и во она време на конфликтот кога земјата беше соочена со опасност од граѓанска војна, поделби, уништувања. Земјата мина тежок пат, но сега е пред вратата на НАТО. Нејзината сувереност, безбедност е дефинирана. Таа ќе биде дел од нашето семејство, од НАТО. Ќе биде дел и од ЕУ, тоа ќе се случи порано и подобро отколку подоцна, сметам дека земјата го заслужува тоа. Членството во ЕУ ќе се случи, мора да се признае дека тоа не е до Северна Македонија, повеќе тоа е наш проблем, на САД, на Британија, Европа… Западните демократски општества во моментов се соочуваат со своевиден популистички отскок. Не треба да чуди кога во услови на несигурност за иднината на ЕУ една од членките ќе рече дека е време за пауза. Тоа не е добро за Северна Македонија, не е правилно. Моментално во светски рамки се создава ситуација на борба на слободните општества со авторитарните клептократии. Враќањето на политиката на големи сили создава поделеност, луѓето сами треба да изберат дали ќе живеат во општества во кои власта одговара пред нив и ги брани нивните интереси или ќе изберат автократски власти во кои економијата ја води корумпирана клика. Тоа е таа борба со која се соочуваме денеска. Тука постојат различни модели, Русија, Кина, токму во тој контекст е јасно каде се наоѓа Македонија – во друштвото слободни општества. Оттаму разочарувачка е одлуката на ЕУ, но на тоа треба да се гледа како на своевидна отскочна штица. Стратегиската насока е силна, стратегиската позиција на Македонија е јасна, така што ќе стигнеме таму, ниту во еден миг не се сомневаме дека земјата ќе биде дел од ЕУ. Токму затоа Атлантскиот совет има јасна програма за Балканот, посветени сме на идејата на поддршка на лидерствата што се решени да ги трансформираат своите земји, а за возврат да им ги отвориме вратите на нашите институции. Не земаме ништо здраво за готово затоа што на сцената во регионот е присутно руско влијание, опасна игра независно дали се работи за дезинформации какви што видовме непосредно пред ЕУ-одлуката како манипулираа со изјавата на Никола Димитров, начинот на кој се извади од контекст ситуација во Србија, уште поопасно сценариото за преврат во Црна Гора. Од друга страна, убеден сум дека таквите предизвици и стратегии на попречувања дополнително ќе ни помогнат во изградбата на зацврсната, потрајна иднина.

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e