(ВИДЕО) Сторија – младите лекари масовно заминуваат во странство

Медицински факултет во Скопје. Секоја година околу 400 студенти се запишуваат тука со надеж дека еден ден ќе станат лекари. Но, по дипломирањето повеќе од половина решаваат професионално да се реалзираат надвор од Македонија. Една од тие студенти е и Маја Зашаровска.

Маја ги завршува студиите по општа медицина. Млада, амбициозна и образована. Но, наместо да се подготвува да работи во некоја од клинките, Маја подготвува документи за во странство. Вели дека ниските плати, партиското вработување како и лошите услови за работа во јавното здравство се причините поради кои не се гледа себеси тука.

„Со оглед на условите што досега ни ги пружа државата, пред се јавното здравство, принудени сме да сакаме да ја напуштаме државата, конкретно засега најдобри услови нуди Западот, односно Германија и веројатно натака ќе движиме“ – вели таа.

Но, Маја не е единствена. И нејзината колешка Елена веќе разгледува авионски карти за во еден правец. Шведска, Норвешка, Германија се најчестите дестинации кои ги бираат студентите. Според Елена, проблемите почнуваат уште од студирањето.

„Од студирањето прво. Условите за студирање, начинот на студирање, со тоа ќе произлезе поквалитетен кадар, на тој кадар ќе треба подобри услови за работа, потоа проблемот со специјализации. Прво парично е многу скапо да се плати приватна специјализација. Доста е тешко, но не и невозможно да се земе државна специјализација, особено струките што ние би сакале да ги работиме – тоа е една од потешките работи во државава тоа што ќе го посакаш и да го работиш, а потоа и самите услови за докторите да се подобрат, да има здрава работна атмосфера, да има реагенси, да нема криза со реагенсите од искуството на постарите колеги имам чуено дека и на тие нови апарати што се набавени нема кој да работи на нив“. – вели Елена.

Маја и Елена се само мал дел од поразителната статистика според која годишно околу 120 лекари ја напуштаат земјава. Невреднувањето на лекарскиот труд и погрешните здравствени политики доведоа до нефункционален здравствениот систем, смета д-р Нико Беќаровски – виш научен соработник на факултетот. Државата губи по околу 60.000 евра за еден дипломиран лекар кој ќе замине од системот, но она што е уште позастрашувачки е што ќе нема кој да ги лекува македонските пациенти. Д-р Беќаровски предупредува дека ситуацијата е алармантна.

 „Ние дозволивме голем дел да замине, уште поголем дел ќе замине и верувајте ќе дојде ситуација кога ќе немаме лекари. Посебно кога ќе се отворат вратите кон ЕУ, ќе се случи нешто што се случи во Романија и во Бугарија каде во моментот сите лекари им заминаа во државите каде подобро се плаќа. Не е само материјалната страна, секако дека лекарите на матерајлно ниво се на пониско здравје но тука се и генерално условите“. – вели Д-р Беќаровски.

И Маја и Елена велат дека доколку се подобрат условите не би оделе да работат во туѓина, но за тоа според нив потребна е заложба и од самите студенти.

„Јас можам да кажам лично, бидејќи потекнувам од првата генерација која студираше по новата програма на општа медицина и како генерација сме се залагале и ќе се залагаме за подобри услови како студенти и лекари, така што оваа е одлична можност да се сменат работите, иако повеќето работи се вкоренети и многу е тешко да се почне но постои можност“ – вели Елена.

„Треба да се инвестира во здравството пред се. Да се инвестира во Клинички центар, да се покачат платите да се направи нешто со специјализациите. Специјализантите да бидат платени затоа што имаат полно работно време, а не со 0 денари плата и немаат ниту здравствено ниту пензиско осигурување во текот на специјализацијата“. – вели Маја.
Но, како да се подобрат условите за да се спречи одливот на младите лекари?

„Прво што треба да се направи е стратегија во регионалниот развој, не може целата концентрација на здравствениот систем да биде во Скопје, треба да се направи соодветна дисперзија и второ мој личен совет и апел би било од секоја генерација 20-те студенти што се најдобри во генерација, меѓутоа не најдобри само по оценки затоа што знаеме дел од оценките како се добиваат, туку со интерна анкета со која самите студенти ќе ги прогласат најдобите ученици во генерација да добиваат автоматско вработување во Клиничкиот Центар“. вели Д-р Беќаровски.

Последиците од масовното ислеување на лекарите веќе почна да ги трпи здравствениот систем. Веќе шест месеци во ГОБ „8 ми септември“ се затворени четири хируршки сали и три одделенија. Уште поалармантно е во помалите градови и општини кои останаа без матични лекари и специјалисти.

Но цената на крај ја плаќаат пациентите. Зголемени листи на чекање, гужви низ ходниците, неквалитетни здравсвени услуги ,плаќање на приватно се само дел од последиците. Статистиките покажуваат дека од 2012-та до сега над 800 лекари ја напуштиле земјава, а од друга страна една третина од лекарите се на возраст помеѓу 55 и 65 години. Годинава 224 доктори заминуваат во пензија, останува прашањето кој ќе работи на нивно место ако кај младите лекари продолжи трендот на иселување.

Извор: ТВ24

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e