Денеска е исклучително важен ден за нашата земја, истакна носителот на кандидатската листа на СДСМ и Коалицијата „Можеме“ во ИЕ 1, Оливер Спасовски откако денеска го оствари своето право на глас на парламентарните избори.
„Како Влада покажавме дека навистина можеме и во вакви услови на пандемија, на сериозна здравствена криза, да се организираат фер, демократски, слободни избори и пред ‘се безбедни по здравјето и животот на граѓаните.
Навистина, треба да се оддаде признание и на Комисијата за заразни болести, на сите оние кои ги спроведуваат изборите, како Државната изборна комисија, за тоа што се воспоставени вистински протоколи коишто гарантираат безбедно гласање од аспект на здравјето на граѓаните. И во услови на оваа пандемија е многу денеска граѓаните да излезат масовно на избори и слободно да ја изразат својата волја – да видиме врз основа на одлуката каде ќе се движи државата во наредниот период.
Ова е сериозен предизвик, заради тоа што во вакви сериозни времиња и одговорноста на секој еден граѓанин на Република Северна Македонија е навистина голема, се со цел да воспоставиме институции коишто се ефикасни, институции коишто се со полн легитимитет и ќе можат да носат одлуки во наредниот период за зачувувањето на здравјето, да носат одлуки за подобрување на економската состојба во државата.
Јас очекувам граѓаните денеска да излезат масовно на изборите, да го потврдат патот по којшто сите ние се движевме, да избереме сигурност, јасна визија и перспектива, наспроти опасноста и враќањето назад“, посочи Спасовски.