Шефицата на основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, во интервју за „360 степени“ зборуваше и за тоа дека случајот со директорка на Националната агенција за европски образовни програми, Лидија Димова, не е единствениот во кој пред органите на прогонот е актуелен функционер.
Русковска рече дека постапуваат и по други пријави кои се однесуваат на актуелни, но и поранешни функционери.
„Имаме обвинение против поранешен потпретседател на Собрание редовите на, и тогаш и сега, владејачката партија. Пред обвинение е исто и државен секретар. Како добиваме пријави или материјални докази, без разлика дали се работи за сегашни или поранешни функционери, ние постапуваме“, рече Русковска.
Таа вели дека сите предмети се третираат исто, но проблемот е во тоа дали ќе успеат или нема да успеат да обезбедат доволно докази.