(ВИДЕО) Расте притисокот и врз локалните ковид-центри: слика од Тетово, Штип и Струмица

Со болничко возило, пациент од Струмица се препраќа во Скопје со влошена клиничка слика. Семејството најмалку што сака е да зборува пред камера.

Во струмичката болница е раздвижено од рано наутро. Некои чекаат прием во амбуланта за преглед.

„Се чека, се чека“, се пожали еден од пациентите.
Оттука, сомнителните на ковид-19 се препраќаат на тестирање во соседниот објект. И двете места служат за хоспитализирање пациенти болни од ковид-19.

– Колку што можат – помагаат. Сега и тие не се криви, не можат да постигнат бидејќи има многу народ. Тука ја задржаа мојата мајка и чекаме како е резултатот, дали е поарно, дали не е. Од вчера не сме ја виделе и така.

– Тука лежи?

– Да.

– Со ковид?

– Да.

– Од 8 чекам и гужва е, и не може сѐ да завршиме работа.

– За што сте дојдени?

– Тестиран сум, да го земам резултатот и да ми кажат. И викаат – чекајте, ќе излеземе надвор, ќе ви кажеме, раскажаа граѓаните.
Струмичката болница има на располагање вкупно 44 кревети за болни од ковид-19. Во моментов капацитетот е исполнет со 90 отсто. За Скопје се праќаат само екстремно тешките случаи. Од возниот парк, само две возила се исправни за безбедно да може да се пренесат пациенти до главниот град.

Есенскиот бран неколкукратно го зголеми бројот на активни случаи во Струмица. Ако на средината на септември имаше 108, заклучно со викендот, бројот на активни случаи сега е 613, што е шестпати повеќе.

Директорот на болницата Наќе Гогов е разочаран затоа што Струмица од регион со релативно малку болни есенва стана жариште. Ударот од зголемениот број заразени паѓа на грбот на медицинскиот персонал, вели тој. Затоа бара разбирање за чекањето.

„Персоналот е изморен, затоа ние сакаме помош, бараме помош и од другите градови кои можат да помогнат со медицински персонал. Како предмалку што имавме помош, професор од Инфективна, доктор од Пулмологија и сега пак имаме колешка од Велес која е на помош на нашите доктори. Ние моментално, на Инфективното одделение, имаме тројца инфектолози и двајца секунданти. До крајот на август некако се справувавме со тој персонал, меѓутоа сега веќе од септември-октомври досега, персонал е потребен, како доктори така и медицински сестри“, вели Гогов.

Примероците од ПЦР-тестовите, струмичката болница ги праќа на анализа во МАНУ. Тоа значи дека резултатот се добива најрано следниот ден.

Бројот на новозаболени активно се следи и ако тој не стивне, план Б е уште еден кат од болницата да стане ковид-центар. Но, зградите не ги лечат луѓето.

„Кога би го отвориле првиот кат од новиот крак, ќе имаме проблем со персоналот, како доктори така сестри, оти некој треба да биде со пациентите таму. Ние регрутираме сестри од другите одделенија за да имаме доволно персонал за да функционираат како ковид-центар долу. Тоа се нашите услови за работа“, вели Гогов.
За разлика од болницата, во Струмица на улица – друга „песна“.

Затекнавме група млади без маска. Крајна цел им беше струмички кафе-бар, каде што веќе ниту законски не беа обврзани да го сторат тоа.

Маска носи кој како сака и на импровизираниот пазар пред трговскиот центар „Глобал“. Како што се доближуваше камерата, така луѓето ставаа маски. Немаа одговор за своето однесување.

Во продавници, книжарници и бутици, без заштита нема влез.

– Се почитуваат мерките во Струмица?

– Па, мислам дека да.

– Епа, како толку заразени има секој ден?

– Немам поим, не можам да кажам ништо, вели еден од граѓаните што ги анкетиравме.
Попладнето се упативме во Штип. Со заоѓање на сонцето, градот под Исарот се празни. Останува звукот од амбулантните возила.

Извор: 360 степени

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e