„Интересно е како ВМРО-ДПМНЕ ја загуби битката на Интернет просторот во последните неколку години. И покрај инвестицијата што ја направија, градејќи една армија на ботови, на лажни сајтови и на лажни профили на Фејсбук на Твитер…, сепак на крајот, да бидат поразени во тој етер“, вели Сашо Орданоски, експерт на ЦИВИЛ – Центар за слобода.
Тој смета дека социјалните мрежи имаа голема улога во демократскиот преврат во Македонија, особено кога ВМРО-ДПМНЕ де факто ги контолираше 90 отсто од традиционалните медиуми.
Тој потенцира дека социјалните мрежи се неопходни за ширење на пораките, но тие се користат и за ширење на говор на омраза, на фалсификати, екстремизми…
„Мислам дека бранот на изборна победа на овие локални избори, за Социалдемократскиот сојуз и за таа голема коалиција беше толку силен, што дури и да беа подобри во сферата на социјалните мрежи, ВМРО-ДПМНЕ, сепак, ќе изгубеше со сличен резултат“, додава Орданоски.
Тој е дециден дека голем простор на политичка борба, на демократска размена на мислење, ставови, мислење, дебати…, е преселен на социјалните медиуми и на интернет и сите оние кои тоа ќе го сфатат сериозно (ќе) имаат бенефити кои се очигледни.
„Повторно велам, социјалните мрежи се ‘опасен’ феномен, бидејќи таму секоја информација и фактите се потиснати, а се бават со лажни вести, со перцепции, со разни искривувања на реалноста и многу омраза што се шири, и поединечно во вид на клевета и навреда, и како говор на омраза кон цели заедници, без разлика дали се културни, етнички, сексуални, јазични… Но, исходот е тој, ВМРО-ДПМНЕ ја изгуби таа битка“, истакна Орданоски.