Во текот на вчерашниот ден оризопроизводителите од Чешиново-Облешево го блокираа магистралниот пат Кочани-Штип како форма на предупредувачки протест, незадоволни од земјоделските политики на владата. На протестот тие ги искажаа и своите барања.
Да не се откупува оризова арпа не помалку од 25 денари, итна исплата на редовните субвенции, дополнителни субвенции од 12 денари поради ниските откупни цени и зголемените трошоци за производство, зелена нафта по 600 денари од декар, се нивните барања и најавуваат дека доколку во рок од една недела не бидат реализирани ќе го блокираат регионалниот и магистралниот пат.
– Две години се договараме со министерот Трипуновски но од секоја година тонеме се повеќе и повеќе. Минатата година оризот се откупуваше по 30 денари, оваа година по 20 денари. Место да се зголемува, производството паѓа, трошковите се зголемуваат а ние сме дојдени до работ на егзистенција вели Ангелов Коце, индивидуален земјоделец.
Оризопроизводителот Аце Гацов вели дека последните два месеци се среќавале со министерот и тој секојпат ни велел ќе биде, ќе биде но два месеци немаат никаков резултат. Затоа им даваат рок од една недела да решат и да им дадат одговор во спротивно ќе бидат превземени порадикални мерки со блокада на други патишта. Тој исто така се пожали дека имаат здружение кое воопшто не ги знаат членовите и наместо да ги претставуваат земјоделците, како што вели, нив ги нема никаде.
– Нека дојде министерот Цветан Трипуновски тука, го гледавме кога го биравме, тој лево од него што седеше го затворија, тој од десно исто го затворија…не бива, проблем има многу голем, мора да се најде решение, цена, катастрофа сме, сметки за плаќање, струја, вода, извршители, до тука ни е дојдено, ќе бегаме сите, ни е скиснато да живееме во оваа држава, емотивно вели еден разочаран земјоделец.
Тие исто така потенцирааа дека три години вадите не се исчистени а на нив им блокираат сметки за неплатена водна заедница.
Видео: Радио Кочани
