(ВИДЕО) Момчето што се онесвести позади Груевски е познато на јавноста и по инцидент од порано

Бројни реакции откако момче кое стоеше позади лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски се онесвести за време на прес-конференцијата по повод 100 дена од новата влада, а никој не му помогна.

Новинарот Борјан Јовановски на својот Фејсбук профил објави дека се работи за истото момче кое пролетва го нападна додека бил на ручек во скопски ресторан.

„На Малиот денес му се падна на распоред “паѓање у несвест”, во април имаше задача да плука луѓе по ресторани, сите петки ги доби од класниот“, напиша Јовановски на Фејсбук.

Инаку, како што кажа Јовановски пролетва, момчето му пристапило до масата на која седел и му се обратило со зборот „предавник“, по што го плукнало во лице и заминало. Снимка од нападот на својата Фејсбук страница објави Миленко Неделковски.

И пратеничката Ивана Туфегџиќ на својот Фејсбук профил напиша дека го препознала момчето од инцидентите со студентските избори, на 30 јуни 2016.

„Еден податок, дечкото во првиот ред кој го погледнува детето, па се врти ладно, е истиот кој на студентските избори на Правниот Факултет ја изнесуваше кутијата додека насилниците физички се пресметуваа со нас. Ужасно е кога една политичка партија регрутира и создава монструми од млади луѓе, а тоа говори многу и за родителите, но и за раководството на партијата. После ова видео УМС треба да се самоукине или преименува во послушничко насилничка единица на Никола Груевски“, напиша Туфегџиќ, која во тој период беше активистка на Студентски пленум.

Инаку, синоќа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на својата Фејсбук страница објави фотографии на кои е сликан заедно со момчето кое се онесвести на неговата прес конференција.

„Марко беше во право дека успеал да го засени пресот на Заев пласиран кај некои провладини медиуми за 100 дена влада каде што не слушнавме ниту еден проект.

На прес конференцијата не приметив, но потоа лично се уверив, вистинскиот борец, младиот Марко е во добра состојба и одлично расположение. Одиме напред заедно во нови победи! #УМС #Силна #Победа“, напиша Груевски на Фејсбук.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e